„Билет во еден правец, молам“

од Вести365.МК | С.З.

Сѐ уште се свежи сеќавањата од февруари 2016 кога пред Влада, на „Илинденска“, активисти оставаа стотици парови чевли, потсетувајќи дека бројот на иселени граѓани од Македонија изнесува околу 600 000 притоа употребувајќи го славниот цитат на Сервантес „Татковино, те љубам како стари чевли“.

Бранот на иселување што ја зафати Македонија продолжи. Денес, оваа бројка е поголема и изнесува околу 700 000 граѓани што живеат надвор од Македонија. Па откако дел од загрижените борци се сместија во удобните владини кабинети, на токму истата таа „Илинденска“ бр. 2, заборавија на чевлите.

Големите борци за човекови права, кои веќе седум години владеат во Македонија, не само што не испорачаа „живот“ туку создадоа дополнителен нефункционален систем, очај и хаос во кој со право никој не може да го види својот дом, тука во Македонија. Со „билет во еден правец“ секој втор млад човек планира својот „живот“ да го изгради во некоја од европските престолнини.

Причините за иселувањето се многубројни. Младите во анкетите најчесто ги наведуваат високото ниво на корупција во секој сектор од општеството, мачните и долги борби по правда во судските лавиринти, часови чекање пред институциите и шалтерите со тешки административни процедури. Економската несигурност и непредвидливост, здравството како и непотизмот, кронизмот и партиската припадност како основни критериуми за вработување.

Бесперспективност, отсуство на центри за иновации, кариерни центри, дигитализација, невклучувањето на младите во процесот на донесување одлуки од страна на институциите дополнително придонесува дури 64,8 проценти од младите да се незадоволни од своето место во државата.

Македонија е на врвот од најсиромашните земји во Европа, а нискиот младински стандард е алармантен. Како да не се доволно загрижувачки супстандардните услови на студентите во студентските домови, доцнењето на стипендиите и студентските оброци, но постои и комплетно отсуство на владини политики што ќе придонесат за заштита и подобрување на состојбата на младите што живеат во сиромаштија. Дополнително државата не придонесува за младите што живеат во помалку или неразвиените средини.

И повеќе од сигурно е дека на Владата ѝ се познати причините за масовно иселување на младите. Но, тие избраа седма година проблемот да го игнорираат затоа што креаторот на проблемот не може да биде и решение. Кога причините се познати, се нудат решенија. Во тој контекст, итни решенија се очекуваа пред сè, од министерствата за образование и наука, за труд и социјална политика, за финансии и вицепремиерот за економски прашања. Додека „битката“ за Агенцијата за млади и спорт и „министерот за сѐ и ништо“ наjмногу ќе ги чини младите и спортот. Но, повеќе од јасно ѝ е на македонската јавност дека висок приоритет на оваа Влада и министерствата водени од СДСМ и коалицијата е како тие да го поделат колачот меѓу себе, додека младите лебот си го бараат надвор од сопствената татковина.

Ги прашувам денес големите платени борци: „Kолку чевли останаа неизносени?“

Марија Петрушевска
Пратеник во Собранието на Република Македонија
ВМРО-ДПМНЕ

Слични објави