Мојата генерација се роди како генерација на надежта. Независност на Македонија, своја држава и валута, своја влада и армија, своја полиција и банки… За жал тоа брзо прерасна во свои арамии, пара-војски и полиции, пропаднати соништа. Во почетокот, особено во времето на транзицијата, беше тоа држава на млади политичари и стари олигарси, приватизација направена од неуспешни менаџери на компании кои знаеја само да одземаат, гладни функционери кои се грижеа само за сопствениот џеб.Декаденција, поделби и порази.
И толку многу конфликти и кризи… 2001вата, 2004тата, 2009тата, 2015тата, 2020тата, 2022рата… и се таа иста генерација, која беше млада во 90тите години, се уште се претставува за млада, се уште (сака) да ги доминира процесите. А ефектот од нивната работа е евидентен и мерлив: историски најголема задолженост, историски најголема инфлација, историски најнеизградени патишта, историска мизерија во образование, историски колабирано здравство… сè е за во историја. Само историјата е во политика.
Одлуката сега е едноставна. И за мене, но и за сите оние кои се занимаваат со бизнис, занаетчиство, наука, уметност, култура и спорт. Или ќе заминеме и ќе ја оставиме генерацијата која ни ги создаде проблемите да ни ги решава истите, или ќе влеземе во битка. Битката на нашата генерација. И како генерација на надежта, за жал многу од мојата генерација решија таа надеж да ја бараат надвор. „Можеби ќе почнам од 0, ама за 5 години ќе бидам свој човек“ стана посилно од „Каменот си тежи онаму каде што му е местото“. Тоа е и за очекување кога секоја година е нова година на разочарувања.
Но, некои од нас останаа да се борат и да сонуваат.
Јас сонувам за нови успеси во образованието и науката. Со активно и постојано вложување во апликативната наука и поврзување на образованието со бизнисот, ние ќе ги активираме оние научници кои останаа во Македонија, но и оние кои заминаа на најдобрите универзитети во светот… Можеме и ние да го создадеме нашиот фонд за исклучителност налик на „Доситеј“, за децата како Македон да не му ја мислат како ќе стасаат до следната математичка олимпијада. Младите специјалисти од клучни области можеме со системска програма да ги субвенционираме за да не ги „вшмука“ Германија. Не се многу на број. Не е скапо да се инвестира во наука, поскапо е да се толерира неспособност!
Мораме да работиме за нови успеси во спортот, културата, здравството. Неспособноста и криминалот на последните двајца директори на Агенцијата за млади и спорт сега се прикива со нејзино целосно укинување и префрлување во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, познато како „Стадиончето на Груби“. Но, наместо АМС да прерасне во институционален хаб за младите и спортот, дури и комбинацијата Министерство за млади со Агенција за спорт, Груби сака да го ДУИзира спортот за да го корумпира и уништи. Како еден од последните бедеми на функционалната држава, спортот треба да стане заложник на фрустрираниот навивач од шверцерските денови. Така не се создава успех. Така се уништуваат и новите генрации.
Наместо тоа потребни се силни вложувања во спортската инфраструктура – реновирање на знаменитостите на македонскиот спорт, како салата Расадник во Скопје, и нивно поврзување со младинскиот, аматерскиот и професионалниот спорт.
Културата треба да го зрачи македонизмот на новата ера – македонизмот на 21виот век! Со цел целосно постојано доосознавање на македонскиот културен код, негова заштита и промоција, културата треба да биде бедем на Македонецот во неговата промоција пред Европа. Во време на индустријализација и комерцијализација на културата, да бидеш најголем не значи и да бидеш најинтересен. Со ангажирање на целокупниот креативен потенцијал и паметни вложувања, ние мораме да ги создаваме, промовираме и заштитуваме наследниците на Симон Трпчевски, Медена земја и Синтезис.
На крајот, Македонија можеме да ја градиме како паметната економија на Балканот. Флексибилна да издржи секаква криза, предводник на дигитализацијата, напредокот во ИТ и модерните индустрии. Ние немаме ресурси во вид на неограничена земја, руда, нафта или гас… ние го имаме сонцето и луѓето. Нивната малубројност може да биде предност ако вложуваме во нивните вештини. Така ќе градиме мала, ефикасна и отворена економија, предводена од мала влада која не сака да биде деспот – туку партнер.
Искрено се надевам дека е време работата да ја преземат новите генерации.
Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ