Трите договори на едно клептоманско владеење

од Вести365.МК Ј.Р.

Ако човек навлезе во бројните изјави на независни новинари, експерти, опозициони претставници, ќе забележи длабока коруптивност во Договорот за изградбата на автопатите, делови од коридорите 8 и 10д. Неспорни патишта, но спорни одредби. Надзор кој ќе го врши фабрика за долна облека, експерти кои се појавуваат во десетици договори ќе добијат стотици илјади евра паушали, договор чија содржина се крие како најголема државна тајна, милиони евра кои веќе се исплаќаат на фирмата изведувач, променети услови во тендерската постапка при потпишување на договорот… и еден вице-премиер кој игра фудбал додека Македонија го трасира патот кон должничко ропство од епски размери.

Но, како правник не сум изненаден. Па овој договор за божемните автопати во сѐ наликува на сите досегашни договори потпишани од оваа влада.

Прво, ова е понижувачки договор. За претходните велевме дека се исто така (нај)понижувачки – едниот го негираше македонскиот идентитет граден низ вековите, другиот им дозволи на странски комисии да одлучуваат кои сме, а овој, на странски експерти да ни кажуваат колку ќе им должиме во наредните 10тина години. Одредбите се исти – сумите се различни. Овој некако има доста високи суми.

Второ, овој документ не го пишувал правник од Македонија. Исто како и Преспанскиот и Бугарскиот договор, на некои други луѓе оваа влада им оставила да ги „бранат“ македонските национални интереси. Со Преспа беа 40 експерти од Грција, со Бугарија тоа беше диктатот од бугарската влада, а со овој тоа се адвокатите на компанијата која ќе гради. И треба или да сте недоветни или испазарени, за да очекувате дека некој друг повеќе ќе се грижи за вашиот интерес од вас самите. Дали е Артан Груби недоветен, луд, неписмен или испазарен, оставам на вас да процените. На крајот, исто како и со другите договори… зошто не им понудивме на македонските градежни компании идеја да се соединат во голем конзорциум и да работат на македонските патишта по македонски закони. Така наместо ветените околу 70% македонски работници (а ќе бидат многу помалку), ќе имавме сигурни 100%, но и целата добивка ќе завршуваше дома.

Мизеријата која овој договор ќе и ја донесе на Македонија ќе ја видиме понатаму. Исто како и со двата други договори, потпишувањето беше дочекано со „фанфари“. „Насмејте се луѓе“ тогаш изгледаше како разменети вратоврски помеѓу потписниците, или заеднички коктел-забави… Но, денес некако и двата договори оставаат горчлив вкус во устата, кога се брусеа шахти, менуваа имиња на културни институции, или кога таа една комисија гледа точки и запирки во мојот, во твојот учебник по историја. Кога некој си политизиран бугарски професор кој се нарекува експерт си зема за право да го менува нашиот, македонскиот, поглед на македонската историја.

Така и тука. Владата веќе префрлува повеќе од 100 милиони евра на компанијата еден месец по потпишување, без шајка да се закова, без багер да помине. Зошто? За да и компензира на компанијата дека не сме го промениле законот кој градежните работници ќе ги направи модерни робови. Според достапните информации, овие милиони во казнени пенали само ќе растат. И бидејќи мене концептот на 100 милиони евра не ми е јасен во реална вредност, тоа се: 3 болници како клиничката болница која никогаш не се изгради во Штип; или еден цел нов клинички центар како оној кој се планираше во центарот на Скопје, кој требаше да го градат македонските Гранит и Бетон; или 20 најмодерни училишта како „Киро Глигоров“ во Скопје; или 100 градинки, или 150 спортски сали…

Во еден месец по договорот, без изграден ниту еден метар пат, ние веќе сме дале 100 градинки на компанијата. Вака секој знае да гради.

И бидејќи често го добивам тоа прашање. Чаре?

Чарето се гледа во нова група на луѓе со визија кои ќе ги променат работите. Кои сами ќе се борат за националните интереси, кои сами ќе градат држава. Држава која ќе треба повторно да се создава, затоа што трите темели и се уништија со трите слични договори. За оваа борба вреди да се занимаваш со политика.

Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ

Слични објави