Тесната разлика во гласовите на старо-новите политички ривали не влева надеж за стабилизирање на политичката ситуација. Дали ќе се постигне консензус за градење на стабилно владино мнозинство или Бугарија повторно ќе се соочи со нов изборен циклус?
Доколку ги анализираме резултатите од изборите, можеме да донесеме неколку заклучоци.
Имено, иако ГЕРБ победи на изборите со 26,54%, коалицијата помеѓу Ние ја продолжуваме промената, коалицијата Демократска Бугарија и другите не се далеку со освоени 24,61% гласови. С&Д и БСП партијата паднаа уште пониско од порано, со освоени 8,96%. Партијата МРФ успеа да остане стабилна, задржувајќи го својот рејтинг, притоа освојувајќи 13,55%. Слави Трифонов со својата популистичка “Постои партија за луѓето” успеа да влезе во Парламентот, освојувајќи 4,12%. Поголемиот број од останатите нови партии останаа надвор од изборниот праг од 4%. Од сето ова единствена полза добива само претседателот Радев на кого највеќе му одговара ваквата лимбо состојба.
Повеќе од очигледната причина, како за ниското ниво на вклученост на гласачите во процесот, па така и за зголемената поддршка на политичката партија Ревивал, популистичката радикална десница која освои 14,19% од гласовите на изборите е поради фактот дека ова се петтите избори организирани за краток временски период, притоа искористувајќи ја политичката криза и фрустрација на гласачите со цел искривување на нивната перцепција за способноста на партиите кои се на власт заеднички да изнајдат дијалог со цел решавање на актуелните проблеми, кои што де факто постојат.
Горенаведеното покажува дека Бугарија повторно навлегува во политички ќор сокак којшто претставува потенцијален ризик за промена на наративот и поставеноста на земјата кон македонското прашање, особено што истиот секогаш се вжештува во предизборните процеси.
Оттука најдобра опција за Северна Македонија би била стабилна владина коалиција меѓу политичките партии на двата поранешни премиери Борко Борисов и Кирил Петков, а во развојот на демократските процеси и напредок на доброседските односи особено значајни се и МРФ, што како опција иако за нас изгледа одлична е помалку веројатна да се случи поради непремостливите разлики во политиките за кои се залагаат овие партии.
Сепак од друга страна изборите во Бугарија се своевиден доказ дека разгорувањето на националистички прашања и конфликти, како во случајот со Северна Македонија, не вроди со никаков плод и не им донесе никакви поени ниту повеќе гласови на партиите кои ја застапуваа и промовираа исклучиво националистичката и провокативна реторика, но единствено допринесе нарушување на добрососедските односи помеѓу двата народи.
Северна Македонија продолжува да чекори по патот на европските интеграции, подготвувајќи се да се соочи со сите предизвици кои што претстојат, мотивирано и неуморно работејќи на проевропската агенда за која се надеваме дека ќе овозможи на нашата земја конечно постигнување на одамна поставената стратешка цел- влез во Европската унија.
Важно е скрининг процесот да биде успешен завршен и да ја реализираме домашната задачата која ќе значи започнување преговори со ЕУ по поглавјата кои треба да донесат реформи и подобри стандарди на секое поле дома, како стремеж да бидеме реципрочни во поглед на правата, обврските и бенефициите со граѓаните во Европската Унија.
Треба да ги исполниме домашните обврски и да обезбедиме напредок и подобар животен стандард за секој граѓанин, притоа водејќи се од максимата на Британската Кралица Елизабета Втора, која што вели: “Сите ни се соседи, без разлика на вера или боја на кожа”.
Моника Зајкова
Претседател на Либерално демократска партија