Политичката перцепција најчесто е во корелација со паранојата, индивидуална и колективна. Колективната параноја ја класифицираме како последица на зависност и страв а покрај се последица на губење на индивидуалната свест.
Политичката дистинкција помеѓу локална и извршна власт е закопана под урнатините на политиканството и високото влијание на политичкиот популизам на позициите каде треба да се гради довербата на индивидуалниот професионализам.
Во вакви услови се трасира патот кон политичка недоверба која директно имплицира незадоволство кај граѓанскиот сектор на двата фронта, а за тоа еклатантен доказ е падот на процентуалната излезеност на секој следен изборен циклус.
Генерално оваа првична фаза на конфузија која де факто еволуира во општествен револт, е резултат на нефункционалноста на системот чии конци ги влечат политичките субјекти и конфротацијата помеѓу истите.
Со проблем од ваков тип, кој по самата природа го дефинираме како расипничко однесување и пред се скандалозно, изминатиот период сведоци сме на енормно големи финансиски задолжувања од страна на општините каде опозициската ВМРО-ДПМНЕ го ужива статусот на апсолутна власт со свој градоначалник и мнозинство во советот на локално ниво.
И не, не е скандалот во тоа дека задолжувањето само по себе мора да има негативен контекст, туку начинот и принципот на самото дејствие.
Се потсетува на еден период на едноумие и режим од чии пранги тешко да закрепнеме и сеуште сме во улога на заложници на туѓи интереси.
Милионски суми задолжување преку еврообврзници претставени на два листа хартија до советот (каде има мнозинство) на затворена седница, без транспарентен приказ за кои проекти и во кои рокови имаме очекувана реализација, без присуство и консултативна дебата со граѓанскиот сектор и можеби клучниот момент под кои услови, колкава каматна стапка и за кој временски период е извршено задолжувањето?
Апропо новите задолжувања, за поразот да биде поголем и посензитивен за граѓаните кои живеат во овие општини и плаќаат комуналии, се наметнува и прашањето каде се потрошени милионски суми од општинскиот буџет за владеење од две години притоа ништо видливо ниту пак корисно во интерес на граѓаните.
Единствен реализиран и ветен проект се медиокритетските партиски вработувања во и така пренатрупана општинската администрација и јавните претпријатија под локална власт.
Макропаризитизам од епски размери, за тотална локална ерозија.
Се наметнува прашањето, дали сите овие камчиња од политичкиот мозаик на (не)функционалноста не доведува до еден непобитен факт.
Креирање буџет во опозицискиот блок за следниот Парламентарен изборен циклус 2024 година?
Незадоволството на партиските гласачки тела, целокупниот граѓански и невладин сектор кон извршната власт без разлика за која политичка гарнитура или коалиција станува збор, по одредени државни прашања како што се Охридски рамковен договор од минатото, скорешниот Преспански договор, актуелните Уставни измени итн. не може и не смее да се рефлектира ниту да биде идентитет на работата на структурите во локалната власт како што е позиција на Градоначалник, општински раководители, инспекторати, комисии и Советот на општината, ниту пак да претставуваат алатка и механизам за политички маркетинг и ширење гол популизам.
Локалната власт со своите инструменти во системот на надлежности има една и единствена улога, а тоа е сервис на граѓаните.
Општината како институција единствено треба да ја интригира потребата на локалното население независно од политичката определба.
Секојдневните потреби, проблеми, пропусти, решенија, капитални и инфраструктурни проекти се огледало на работата на Градоначалникот и Советот како извршно тело составено од локални избраници.
Последно но не и крајно, асфалтирање улица, реконструкција на училиште, засадено дрво, грижа за безбедноста на граѓаните не е предмет подложен на аплауз и пофалби, најмалку публицирање преку социјални мрежи и медиуми. Тоа е обврска и одговорност која треба да се менаџира согласно во времетраење на доделениот мандат, а за успешноста секогаш говорат резултатите.
Ослободени од притисоците, слободни во јавните размислувања, менување на општествениот ‘мајнд сет’, искажување сопствени ставови, широкиот спектар на идеи од различен карактер градат една успешна приказна која се темели на вистински и трајни вредности.
Градоначалник не е функција – туку одговорност,
Локални избори гласаме човек – не партија.
Влатко Неделковски
Либерално демократска партија