СКАНДАЛ: Матичните книги пробиени, илјадници лични документи од наши граѓани завршиле во една соседна земја

од Вести365.МК Ј.Р.

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната седница отвори сериозни сомнежи за трговија со милиони лични податоци на македонските граѓани. Случајот се однесува на дигитализацијата на матичните книги, со податоци за умрени, родени и венчани, спроведуван преку Управата за водење на матичните книги, на распишан тендер кој го добила фирмата Новатек Инв ДООЕЛ.

Антикорупциската комисија најави кривични пријави против двајцата поранешни директори на Управата.

Според антикорупционерите, во двете тендерски постапки не биле предвидени соодветни заштитни мерки со цел да се зачува приватноста односно личните податоци на граѓаните на РСМ при скенирањето, контролата, управувањето, преносот и обработката на личните податоци од страна на ангажираните економски оператори врз основа на договорите склучени со Управата за водење на матични книги.

Па така, при дефинирањето на условите во тендерот, се барале сертификати кои докажуваат квалитет на економските оператори за работа со класифицирани т.е. доверливи податоци и информации, но не и квалитет за собирање, контрола, обработка и пренос на лични податоци. Личните податоци, велат од Антикорупциската комисија, не се класифицирани за да се сметаат за доверливи, туку истите подлежат на висока заштитна регулатива согласно со легислативата за заштита на личните податоци.

Директорот на Управата за водење на матични книги, донел Одлука за избор на најповолен понудувач на 24.02.2021 година, и избрана била фирмата Новатек Инв ДООЕЛ Скопје во конзорциум со економскиот оператор Аукта ДООЕЛ Скопје. Фирмата Новатек Инв ДООЕЛ Скопје, пак е основана на 09.12.2020 година, непосредно пред започнувањето на постапката за доделување на договорот за јавната набавка.

„Изворниот код за пристап до податоците од матичните книги бил даден на USB, а примопредавањето е потпишано од вработен во Управата за водење на матичните книги на РСМ, како давател и од страна на економскиот оператор Новатек Инв ДООЕЛ Скопје, како примател“, велат од Антикорупциската комисија.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска рече дека кај овој предмет постои висок ризик особено со тргување на лични подататоци и изрази надеж дека анализите на Комисијата ќе им придонесат на истражителите во постапувањата.

Од Агенцијата за заштита на личните податоци било побарано да изврши вонредна супервизија во УВМК, со цел да се провери кој сè имал пристап до скенираните документи за лични податоци, како истите биле чувани, дали биле заштитени, дали воспоставениот систем за нивна заштита бил ефикасен и ефективен и дали истите се употребени за незаконски цели. Агенцијата влегла во УВМК и во наодите од извршената вонредна супервизија навела дека има „сериозни пропусти при т.н. дигитализација на матичните книги”.

Според, ДКСК, освен ова, постои сомневање дека тендерите се добиени како производ на незаконски влијанија, а тоа е поткрепено и со наоди на Управата за финансиска полиција.

Слични објави