Тик-ток, тик-ток…часовникот отчукува! Кои се нашите приоритети?

од Вести365.МК | С.З.

Младите луѓе се иднината на секое општество, тие се гласот кој знае да упати критика не плашејќи се за последиците. Вербата во каузата, дека секогаш може да се издејствуваат промени и упорноста се сведоштва на голем број успешни приказни на кои иницијатори биле толку младите.

Нивната детска наивност и храброст е нивното оружје и нивната доблест, но во исто време и нивна најголема слабост, која што понекогаш може да чини многу- еден човечки живот, а цената за тоа да ја платат токму младите.

Девојче од Будва 2,5 месеци била малтретирана од врсниците преку социјалната мрежа „Тик-ток“.
Хорор во Грачаница: Деца силувале дете со предмети, видеото објавено на „Тик ток“. Седумнаесетгодишното девојче кое на железничката станица во Маџари претрпе тешки изгореници по грбот и нозете додека снимаше видео за Тик Ток.
Малолетни девојчиња од Скопје повикани во полиција: На ТикТок се заканувале на соученичка.
За снимањето на пациентки, „тик-ток“ анестезилогот доби обвинение.


Ова се само дел од насловите кои изминатиот период ги читаме во медиумите,а кои со сигурност треба да го вклучат алармот за превенција. Покажувањето со прст кој е виновен е бесцелно и нема да ги врати назад згаснатите човечки животи. Ваквите настани се пораз за целото општество, на нас останува да одлучиме како ќе ја продолжиме понатаму оваа приказна.


Дали овие потресни настани и случувања ќе поттикнат кај нас чувство на револт, но и мотив за издејствување на промени, сите заедно сплотени, обединети, не дозволувајќи партиската припадност да се испречи како бариера помеѓу политичките чинители, затоа што ова е прашање кое што ги засега сите луѓе, независно од која партија доаѓаме, кон која сме наклонети или која ја симпатизираме.


Ние како држава имаме обврска и должност да се грижиме и да ги заштитуваме сите, особено младите луѓе како една посебна група на граѓани. Во време кога дигитализацијата, вештачката интелигенција и информатичкото општество станува се поразвиено и зема се поголем замав, неопходно е да ги заштитиме младите од самите себе си, како лица кои се се подложни на вакви влијанија и “предизвици”.


Привлечноста и атрактивноста на опасноста и ризикот е замка во која може да се најде секој млад човек, на нас останува да ја идентификуваме опасноста и да ја превенираме. Голем дел од европските земји, дури и најлибералните на различен начин го регулираат пристапот до содржини достапни на интернет и воведуваат одредени забрани. Сведоци сме во какво општество растат и се развиваат нашите деца. Македонија исто така имаше човечки жртви од користењето на оваа апликација и апсолутно се наметнува потребата не само ТикТок, туку да се регулира просторот при пристапот до апликации и игри што промовираат насилство, детска порнографија и сл. Постојат механизми, алгоритми што можат да ја детектираат содржината и да ја банираат односно да оневозможат пристап до одредена содржина.


,,Тик ток’’ и покрај тоа што ни изгледа како платформа за креативно изразување и забава, најголемото внимание на корисниците на оваа мрежа го добиваат несоодветните и опасни содржини. Тие носат лајкови и виртуелна популарност, но можат да завршат фатално, што се почесто се случува, а веќе сведочиме и на смртни последици од снимањето видеа од страна на малолетници во регионот и во светот.


Државата треба да изврши проценка и да утврди во кои закони и на кој начин треба да се интервенира, со цел создавање на ефикасен и ефективен систем, кои во практиката ќе функционира и ќе даде резултати.
Забраната за пристап до одредени содржини за лица под 18 години, која де факто постои, не ни значи ништо ако е сведена на мртво слово на хартија и не дава резултати во пракса.


Пасивноста, преправањето дека проблемот не е вистински и сериозен и дека ќе помине “сам од себе”, не водат кон ништо.


Дали сме подготвени под превезот на демократијата и слободата на изразување да жртвуваме уште млади животи? Кои се нашите приоритети? Дали воведувањето на одредена регулација и ограничувања по ова прашање не прави помалку демократи или либерали или на тоа треба да гледаме како нужност која што ја носи современото општество?
Земајќи ја во предвид агресијата, омразата и нејзината се поголема застапеност ширум луѓето, особено помеѓу младите, предлагаме не само ограничувања во однос на достапноста на определени интернет содржини, но и најостра контрола на издавањето на дозволи за поседување оружје и ракување со истото.


Забрани и ограничувања малолетни лица да вежбаат на стрелишта и казни за родителите кои ги мотивираат и поттикнуваат децата да ракуваат со вакви убиствени направи.


Министерството за правда да ја разгледа состојбата и да предложи заострување на казнената политика за одредени дела кои оставаат трајни последици по животот и здравјето на младите, согласно европското законодавство и практики.


Потребно е поголема ангажираност на психолозите и педагозите во основните и средните училишта за детектирање и превенирање на врсничкото насилство, но и воведување на едукативни програми за борба против истото.
Како жена, тетка и пратеничка која секојдневно работи со младите луѓе, се бори за заштитување на нивните интереси и нивно интегрирање во општеството, апелирам до сите пратеници, министри, функционери и други чинители, најмногу апелирам до сите граѓани да ја поддржат оваа кауза и да ми се придружат во заедничката борба која допира до сите нас.


Моника Зајкова
Претседател на Либерално демократска партија

Слични објави