Две седмици поминаа од средбата која требаше да расчисти голем број дилеми, и на граѓаните и на носителите на одлуки. За среќа, таа ги скроти недоумиците и стравовите на граѓаните дека нема да се случат измени на Уставот под диктат на Бугарија и без никакви гаранции. Едноставно е – Власта го нема потребното мнозинство.
Но за жал, Власта по средбата, од срам или од страв, предизвика бура составена од лаги, манипулации, навреди… Тие триумфалистички зборуваат за промена на ставовите и нивна државничка позиција, збунувајќи дел од граѓаните, а во исто време ангажираат цела една ергела која ќе се занимава со извртување, манипулирање и лажење. И тогаш знаете дека се во тесно.
Но, ете се спуштија пердувите на земја. Стивна заглушувачкиот звук на владино-партиско-пропагандните гаврани. Граѓаните можат да ја слушаат вистината.
Таа вистина ќе бара само два чекора за финално да се отелотвори. Првиот, обидот за вакви уставни измени под туѓ режим, да дојде во Собрание и да се удри во ѕид. И вториот – избори. За општеството, по 6 години кризи и фрустрации, конечно да може да здивне, да издиши.
Вториот чекор станува позначаен од кога било. Затоа што таа општествена катарза ќе донесе и ревитализација на сите други општествени процеси. Ќе се ослободи бизнисот од рекетарско-политичките шеми, регулативата ќе се релаксира од непотребни барања, фрустрациите на огромното мнозинство македонски граѓани кои чувствуваат дека живеат во апартхејд ќе запре… едноставно ќе има простор за нова енергија. Таа енергија потоа ќе мора да испорача резултати. Во спротивно ќе биде последната енергија на која и била дадена шанса да се справи со државата и конечно да ја постави на шините на успехот.
Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ