ВМРО-ДПМНЕ: Народот нема ништо од признанието на власта дека судството е корумпирано, оставки и одговорност веднаш

од Вести365.МК | М.Т.

Народот нема ништо од признанието на власта дека судството е корумпирано, оставки и одговорност веднаш. СДС и ДУИ целосно го девалвираат правосудниот систем во Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Потенцираат дека Димитар Ковачевски и Али Ахмети го користат Судскиот совет за исполнување  партиско политички желби и влијанија, сведувајќи ја неговата работа на место за фаворизирање на определени партиски активисти и пазарење со судиските места.

– Изјавите на министерот за правда Кренар Лога се само потврда за она кое што ВМРО-ДПМНЕ го зборуваше изминатиот период, а тоа е дека СДС и ДУИ го партизираат и политизираат правосудните органи. Судскиот систем треба да ја гарантира независноста и заштита на судството и неговото унапредување, и да работи одговорно, професионално и транспарентно, истакнуваат тие.

Посочуваат дека најпрво СЈО кој беше продолжена рака на владата на СДС и ДУИ за политички прогон на неистомисленици, па наградување на Добрила Кацарска и именување за уставен судија, именување на шефот на обвинителството за организиран криминал Ислам Абази, па се до назначување на партиски активисти на СДС во Судскиот совет е пример како не треба да функционираат судските органи.

– И Холандија реагира на случувањата во Судскиот совет. И за ова во европски држави паѓаат цели влади, само во Македонија, владата на СДС и ДУИ мува не ја лази. Токму поради ова е ниската доверба на граѓаните во судството и обвинителството. Бараме веднаш оставка и одговорност, стои во соопштението.

Слични објави