Вардар 1961, актуелниот македонски шампион, славеше во Нови Сад против Војводина со 32:26, откако предходно триумфираше во Скопје со 38:25 во четвртфиналето во СЕХА-Газпром лигата.
Војводина стекна предност од 6:1 по осум минути игра, а на полувреме замина со водство од 15:11. Вториот дел беше целосно под контрола на Вардар, кој ja превзема предноста со серија од 7:1 во раната фаза од вториот дел. Георгиевски и Чувара го зголемија водството на 24:21, а на крајот на мечот Вардар убедливо ја одработи задачата и обезбеди 10-то учество во завршницата на СЕХА.
Георгиевски беше најефикасниот играч на Вардар со 10 голови, додека на спротивната страна за Војводина доминираше Симо Сијан со девет погодоци.
На прес-конференцијата по натпреварот, помошникот на Недановски, Стојан Петрушевски, и ракометарот од бековската линија, Мартин Карапалевски, се обратија на присутните.
Петрушевски изјави дека, иако не одиграа добро на почетокот, успеаја да победат и честиташе на екипата на Војводина за одиграното. Сепак, Карапалевски дополни дека промените што ги направија на паузата, како и искуството на екипата, им помогнаа да го добијат дуелот.
Еурофарм Пелистер е вториот македонски претставник на Фајнал-фор турнирот, откако претходно го елиминираше Татран Прешов. Ова е третпат Македонија да има два претставници на Ф4, претходно тоа се случи во првите две сезони, кога настапуваа Вардар и Металург.