На покана од претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, денеска престојува во официјална посета на ФФМ.
Посетата, според ФФМ, претставува „уште една потврда за одличните односи меѓу ФФМ и УЕФА, како на институционално, така и на лично ниво“.
Заедно со првиот човек на европскиот фудбал, во делегацијата се и Зоран Лаковиќ, директор за национални асоцијации во УЕФА, како и Денис Бастари, раководител за развој на национални асоцијации во УЕФА.
Во рамки на посетата, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ќе се сретне и со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за спорт, Борко Ристовски, по што следува и работен состанок во „Куќа на фудбалот“.
Фокусот на разговорите ќе биде на идните насоки за унапредување на фудбалот во Македонија, од реализација на значајни инфраструктурни проекти, до дополнителен развој и поддршка на младинските категории, велат од ФФМ.