Зголемување на платите за 10 проценти за сите вработени во Армијата и одбраната е предвидено со буџетот за 2027 година, кој помина на последната владина седница и влегува во собраниска процедура.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски го оцени ова како историски исчекор, посочувајќи дека станува збор за најголемото зголемување на платите досега, изразено во апсолутна вредност.
„Сакам да информирам за една преубава вест, еден историски чекор. На последната владина седница помина буџетот за 2027 година. Тоа значи дека моментално влегува во Собрание и она што сакам да го пренесам на сите е дека правиме историски чекор“, рече Мисајловски.
Тој појасни дека зголемувањето нема да се однесува само на основната плата, туку и на сите нејзини составни компоненти.
„Платите во Армијата и одбраната се зголемуваат за 10 проценти. Тоа значи историски најголемо зголемување во апсолутна вредност. Тоа значи се зголемува основната плата, но и сите компоненти што се опфатени во платата“, изјави Мисајловски.
Министерот нагласи дека ваквото решение е постигнато преку социјален дијалог и соработка со синдикатите, потсетувајќи дека подобрувањето на статусот на припадниците на Армијата било едно од неговите ветувања.
„Ветив многу пати дека ќе работам заедно со синдикатите, заедно со Армијата, оваа институција да биде најдобрата во државата, а со овој чекор по примањата навистина стануваме една од најдобрите институции во државата. Честитки до сите вработени, бидејќи тоа го заслужуваат, го заслужува Армијата, ние сме НАТО Армија и преку социјален дијалог ова го остваривме“, потенцираше Мисајловски.