УКРАИНА нападна железничко складиште во градот Мелитопол, окупиран од Русија, длабоко зад линијата на фронтот, во услови на се поотворени закани од Киев дека ќе започне контраофанзива против руските сили чија зимска офанзива пропадна.
Непотврдените фотографии на интернет покажуваат експлозии на ноќното небо над Мелитопол, центарот на окупационите власти во Запорожје, една од петте украински провинции анектирани од Русија. Нападот го потврдија прогонетиот градоначалник и руската новинска агенција ТАСС, која, повикувајќи се на промосковски официјални лица, објави дека е погодено депо на железницата и дека градот и околните села останале без струја.
Се повеќе најави за офанзива
Мелитопол, дом на 150.000 луѓе пред војната, е железнички центар за руските сили во јужна Украина и дел од копнената врска меѓу Русија и окупираниот Крим.
Засега нема информации што користеле Украинците за да го таргетираат подрачјето. Градот е надвор од дострелот на ракетите HIMARS, но во домет на понови оружја како што се ракетите JDAM и GLSDB, што ги ветија САД. Русија во вторникот објави дека ја симнала ГЛСДБ, за прв пат од почетокот на војната во Украина.
Нападот се случи откако Киев најави дека наскоро би можел да започне контраофанзива против руските сили, кои не успеаја да постигнат значајни победи во едномесечната зимска офанзива.