По прекинот, победа на РК Вардар, Манасков: Докажавме дека Вардар е број 1 во Македонија!

од Вести365.МК | А.П.

Ракометарите на РК Вардар 1961 постигнаа голема победа над својот ривал Еурофарм Пелистер со резултат од 31-24, што им даде сериозен напредок во Суперлигата и ја зголеми нивната шанса за одбрана на титулата. Во скопскиот пекол, “Црвено-црните” покажаа зрелост и успеаа да го победат својот битолски ривал со заслужена победа.

Инаку и овој меч не помина без проблеми помеѓу двете навивчки групи, во 16-та минута од почетокот на мечот, битолските навивачи фрлија пиротехнички средства кон трибините, што предизвика влегување на дел од скопските „Комити“ на теренот. Ситуацијата беше смирена после 20 минути,и натпреварот беше продолжен.

Со по седум погодоци најобри на паркетот беа Филип Талески и Дејан Манасков, додека кај пелистерци се истакна Жарко Пешевски со пет. 

По мечот, еден од најискусните ракометари во ростерот на вардарци, Дејан Манасков, нагласи дека ова е неверојатен резултат против солиден ривал. 

„Ова беше фантастична борба долу на теренот, а тензијата ја направија навивачите. Сепак, на нас кои сме долго во ракометот, добро ни е позната ситуацијата. Среќен сум за победата, прекрасно е што победивме вака високо. Еурофарм Пелистер е еден квалитетен противник, но денес ние бевме подобар тим на теренот. Докажавме дека вредиме, дека Вардар е сè уште е големо име, број еден во Македонија. Одиме понатаму, има уште доста да се игра. Денес ќе прославиме, а од утре се концентрираме на следните предизвици“, кажа Манасков. 

Слични објави