Њукасл целосно доминираше во денешното дерби со Манчестер Јунајтед и заслужено стигна до бодовите со кои сега е третопласиран во Премиер-лигата, со ист број бодови како Јунајтед на четвртото место, а со „плус еден“ и натпревар помалку во однос на петтопласираниот Тотенхем. Уште од самиот почеток беше јасно дека домашните фудбалери се максимално мотивирани за да стигнат до цел плен и да се одмаздат за поразот во финалето на лига-купот.
Њукасл создаде неколку одлични шанси во првото полувреме, по кое резултатот остана 0-0 само поради извонредните интервенции на гостинскиот голман Давид де Хеа. Второто полувреме започна со „црвените ѓаволи“ делувајќи како да воспоставуваат контрола, но тогаш го примија првиот гол, по извонредната акција на Исак, Гимараеш и Сан Максиман, на Вилок му остана полесниот дел од задачата, од половина метар да ја смести топката во мрежата.
Потоа, Њукасл продолжи да игра офанзивно и по постигнатиот гол, во една акција ја погоди пречката, а потоа и дирекот од голот на Де Хеа, но домаќините пред крајот сепак успеаа да постигнат и втор гол. Калум Вилсон беше стрелецот за 2-0, откако постигна гол со глава по центаршутот од корнер на Трипие.