Долгорочно решение за недостигот на работна сила во нашава земја е преквалификација на нашите сограѓани кои живеат тука и кои со доквалификации и обуки можат да се стекнат со нови вештини и да одговорат на барањата на компаниите. Ова го посочи вицепремиерот Фатмир Битиќи при денешната посета на компанија за производство на душеци во Гостивар.
– Ние имаме сограѓани кои се невработени, и примарна цел е да се направат способни да се вработат, и токму компании како Алмеро кои се спремни да се вклучат во процесот на дуално образование, во преквалификации и доквалификации на работната сила е клучот за проблемот со кој се соочуваме, а тоа е неодстиг на работна сила на пазарот на труд. Сите други решенија, како увоз на работна сила, не се трајни решенија, туку долгорочно решение е нашите сограѓани кои сакаат тука да живеат и да работат, да се стекнат со вештини, преку квалификации и доквалификации да се вклучат во работните процеси – посочи Битиќи.
Неодамна вицепремиерот, говорејќи на истата тема, соопшти дека во државата веќе работат повеќе од 3.000 странци, а квотата предвидува пет илјади лица согласно Законот за вработување и работа на странци. Конкретно, квотата не може годишно да надминува пет проценти од населението на кое законски е вработено. Притоа, се користат официјалните податоци од Државниот завод за статистика.