Никола Миротиќ е пред разделба со Барселона и сè укажува на тоа дека ќе се пресели во Италија. Тој е еден од најдобрите кошаркари во Шпанија и Евролигата и, според неколку извори, има постигнато договор за личните услови со екипата на Армани Милано. Италијанските медиуми се сигурни дека трансферот е само во прашање на време пред да биде официјализиран.
Миротиќ има актуелен договор со Барса за следните две сезони и неговото заминување би било предмет на раскин на овој договор за кој се чини дека почна да се договара во последните недели. Барса побара од Миротиќ да си ја намали платата за половина, но тоа играчот не го прифати и најверојатно ќе го раскине договорот за да се пресели во Милано. Пред Миротиќ и Барселона пердстои битка за титулата во шпанското првенство, во финалето на плејофот против вечниот ривал Реал Мадрид. Реал Мадрид беше поуспешен во нивниот судир во евролигашкиот фајнал-фор турнир, а подоцна стана и европски првак.
Никола Миротиќ, е поранешен шпански репрезентативец со црногорско потекло, настапува за Барселона од 2019 година, кога се врати во Каталонија од НБА лигата. Се очекува да биде големо засилување за Армани Милано, екипа која во секоја сезона влегува со високи амбиции, но никако не успева да стигне до завршницата од Евролигата. Во оваа натпреварувачка сезона Миротиќ просечно постигнуваше по 15,4 поени, 4,3 скока и 1,2 асистенции по натпревар.