Трамп е оптимист дека ќе постигне подобар договор со Иран од Обама

од Вести365.МК Ј.Р.

Нуклеарната програма на Иран повеќе од две децении е сржта на тензиите меѓу САД и Исламската Република. Според Вашингтон, Техеран работи на развој на атомско оружје, а САД тоа сакаат да го спречат по секоја цена. Иран отфрла дека се стреми кон развој на бомба, но инсистира на своето право на користење нуклеарна програма за цивилни потреби. Американскиот претседател  Доналд Трамп  изјави дека спречувањето на Иран да се стекне со атомско оружје е клучно за одлуката на САД за заедничкиот напад со Израел врз Иран од 28 февруари. Актуелно е на сила примирје, а  преговорите меѓу двете страни наскоро би можеле да бидат обновени.

Враќање во 2015 година?

Пред повеќе од 10 години, Вашингтон и Техеран постигнаа значаен компромис. Нуклеарниот договор од 2015 година, официјално познат како Заеднички сеопфатен план за дејствување, беше наменет да ја ограничи нуклеарната програма на Иран во замена за олеснување на санкциите. Тој пропадна откако САД се повлекоа од договорот во 2018 година.

Трамп, кој ги повлече САД од договорот за време на неговиот прв мандат, во многу наврати тврди дека може да постигне „подобар“ договор од оној под претседателот Барак Обама.

Прашањето е дали новиот „подобар“ договор реално може да оди подалеку, или пак дипломатските напори денес се одвиваат под многу полоши услови отколку во 2015 година.

Што се постигна со нуклеарниот договор од 2015 година?

По 20 месеци преговори, Иран и САД постигнаа договор во јули 2015 година, заедно со Русија, Кина и ЕУ предводена од Франција, Германија и Обединетото Кралство, тогаш сè уште членка на Унијата. Договорот значително ја успори способноста на Иран да произведе доволно фисионен материјал за атомско оружје. Договорот исто така на организацијата за нуклеарен надзор од ООН, Меѓународната агенција за атомска енергија, ѝ даде широк пристап за инспекции на нуклеарните постројки на Иран.

За возврат беа укинати меѓународните економски санкции врз Иран. Договорот стапи на сила во јануари 2016 година откако од Агенцијата потврдија дека Иран се придржува до условите.

„Агенцијата доби пристап каков што никогаш до тогаш немала“, вели Оливер Мајер, експерт за нуклеарно разоружување во Европската мрежа за лидерство. „Беше ограничен бројот на центрифуги и типот на центрифуги што ги користи Иран и ги намали залихите на фисионен материјал во земјата“, објаснува Мајер.

Центрифугите го збогатуваат ураниумот преку центрифугирање ураниумски гас со огромна брзина. Мајер објаснува дека „сето ова сепак беше временски ограничено. Некои ограничувања требаше да истечат по 10 или 15 години, под претпоставка дека меѓународната доверба до тогаш ќе биде повторно изградена“.

Што не беше опфатено со договорот

Самиот договор исто така имаше и јасни ограничувања. Тој не ја ограничуваше програмата за балистички ракети на Иран, ниту се осврна на улогата на Техеран во регионалните конфликти, вклучително и неговата поддршка за групи како Хезболах во Либан.

„Во тоа време свесно беше донесена одлуката да се изостават одредени аспекти кои од денешна перспектива гледано можеби ќе беа подобро решени“, вели Мајер и објаснува дека „во 2015 година имаше надеж оти откако ќе се реши нуклеарното прашање, ќе биде полесно справувањето со регионалната безбедност. Тоа можеби беше грешка.“

Таквите точки поттикнаа критики во САД. Противниците тврдеа дека договорот само ја одложува наместо да ја елиминира нуклеарната закана и дека не успеал да ги ограничи пошироките стратешки амбиции на Иран. Кога Трамп дојде на власт за прв пат во јануари 2017 година, тој го нарече договорот „најлошиот договорен до сега“ и една година подоцна ги повлече САД од него. Неговата администрација повторно воведе сеопфатни санкции, тврдејќи дека економскиот притисок ќе го принуди Иран да прифати поширок и построг договор.

Од неуспешна дипломатија до војна

Иран првично се држеше во рамките на договорот, надевајќи се дека преостанатите потписници ќе може да ги компензираат штетите од санкциите од САД. Сепак, со текот на времето, Техеран почна постепено да се повлекува од своите обврски и збогатуваше ураниум на повисоки нивоа, инсталираше понапредни центрифуги и ја намали соработката со инспекторите. „Резултатот за жал беше дека времето на пробив беше значително скратено“, вели Мајер.

До 2024 година Меѓународната агенција за атомска програма проценува дека времето е сведено на недели или дури денови, иако нема јасни докази дека Иран одлучил да направи атомска бомба.

Напорите за заживување или замена на нуклеарниот договор продолжија со години, кулминирајќи во обновени преговори во 2025 и 2026 година. Разговорите пропаднаа кога САД заедно со Израел отпочнаа напади врз Иран на 28 февруари, на што следеа ирански контранапади врз Израел и сојузниците на САД во Заливот. По 40 дена борби, САД и Иран се согласија на прекин на огнот на 8 април. Разговорите меѓу двете страни сега во такви услови треба да продолжат во Исламабад.

За што сега се преговара

Главниот спор во моментов е во врска со времето. САД бараат 20-годишна суспензија на нуклеарните активности на Иран, додека Иран е подготвен да прифати ограничувања само на пет години. Други клучни прашања остануваат неодговорени, како тоа кој би ги мониторирал нуклеарните капацитети на Иран?

Што би се случило со неговите залихи на  збогатен ураниум? И колку центрифуги Иран би смеел да задржи? „Прашањата што сега треба да бидат решени се истите што ги опфаќаше договорот од 2015 година и тоа не е никакво изненадување“, вели Мајер. „Тој договор беше на околу 150 страници со детални анекси“, додава тој и е скептичен дека може да се најде решение за неколку дена, па дури и недели.

Зошто разговорите овој пат се потешки

Многу експерти сметаат дека Договорот беше можен затоа што сè уште постоеше базично ниво на доверба меѓу засегнатите страни. Денес таквата доверба во голема мера е изгубена. Алан Ејр, кој беше дел од американскиот преговарачки тим во 2015 година, а сега е во Институтот за Блискиот Исток, вели дека двете страни ги забетонирале своите позиции.

„Постои огромна недоверба и сомнеж од американска страна кон Иран и од иранска страна кон САД“, оценува тој за ДВ. Според Ејр,  Иран има и стратешки адути.  И покрај тоа што претрпе тешки загуби во војната, Техеран сè уште е способен да се одмаздува со проектили, ракети и дронови. Иран може да го загрози и  бродскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец и да се потпре на регионални прокси сили како Хезболах или Хутите – адут што го немаше во 2015 година.

Ејр вели дека сегашната американска администрација има докажан дефицит на експертиза кога станува збор за дипломатија, што бара време и постојан напор. „Тие навистина не се навикнати на тоа, туку да им кажуваат на земјите што да прават и тие да ги слушаат. Значи, отворено е прашањето дали Џеј Ди Венс ќе може успешно да преговара со Иранците, кои се искусни и вешти преговарачи“, заклучува Ејр. Поранешните преговарачи велат дека искуството и довербата тежат исто колку и адутите во преговарачкиот процес.

Дали Трамп навистина има шанси за подобар договор?

Експертите велат дека можеби има. „Ќе биде полесно да се постигне подобар договор во смисла на тоа дека многу нуклеарни постројки се уништени.  Иран можеби е поподготвен  да прифати дека некои од овие објекти веќе не се предмет на разговор“, вели Мајер. Политички ситуацијата е сепак многу посложена отколку пред една деценија.

„Се наоѓаме во многу полоша позиција отколку во 2015 година“, вели Мајер и објаснува дека  „нападите не го решија проблемот, туку го влошија, бидејќи поголем број луѓе во  Иран  сега сметаат оти е потребно атомско оружје за да се одвратат идни напади од САД“.

Тоа отежнува долгорочни ограничувања. Додека Вашингтон и Техеран разгледуваат уште еден обид за дипломатија, прашањето веќе не е само дали е можен подобар договор – туку дали условите што придонесоа за договорот од 2015 година воопшто би можеле повторно да бидат креирани.

Извор: DW/ Автор: Петер Хиле

Слични објави