Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредрик Нилсен, изјави дека многу граѓани на автономната данска територија „не се чувствуваат безбедно“ поради повторените изјави на американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека тие претставуваат „неприфатлив притисок врз народот на Гренланд“.
„Многу луѓе не се чувствуваат безбедно. Некои се исплашени. Сега тоа се претвора, за многумина, во гнев“, изјави Нилсен за Ен-би-си Њуз.
Премиерот на Гренланд одби да ги потврди извештаите дека дански војници се испратени во Гренланд со експлозиви за да се подготват за потенцијално разнесување на аеродромите доколку САД одлучат да извршат инвазија, но рече дека владата на Гренланд ги повикала жителите да бидат подготвени за секоја евентуалност и да складираат доволно храна, вода, топла облека и други потребни работи за пет дена.
„Ако направат нешто со нашата инфраструктура, секако дека мора да бидеме подготвени“, рече тој, објаснувајќи го образложението за таквите планови.
Тој додаде дека знаел дека постои некаква желба за поседување или контрола на Гренланд и дека Трамп, иако „ја тргнал инвазијата од маса“, никогаш не се откажал од идејата за поседување или преземање контрола врз Гренланд.