„Купи ден, продај“ политика!

од Вести365.МК | М.Т.

Во Извештајот на Freedom Housе „Слободата во светот за 2023“ индексот за Македонија изнесува 68 од вкупно 100 поени. Имено, во согласност со индексот, Македонија е „делумно слободна“ земја во однос на граѓанските и политичките слободи и права.

Па така некогаш гласните, самодекларираните борци за човекови права брзо замолчеа откако се сместија во извршната и законодавната власт. Непријатен и загрижувачки е молк од страната на парламентарното мнозинство во Собранието за еден од најзначајните извештаи за кои имаме можност да дебатираме во Собранието: Извештајот на народниот правобранител за 2021. Да, за 2021 со задоцнување од 10 месеци и познатото оправдание дека дежурен виновник е опозицијата. Притоа претседателот на Собранието изуми дека самиот извештај е предмет на расправа на комисијата за политички систем со која претседава парламентарното мнозинство, како и дека на истата имаат мнозинство што може и да одлучува. Се разбира не беше присутен „министерот без работа“, најверојатно поради личната набиена „спортска агенда“. Недостасуваше само уште „Наќе е крив“.

Во Извештајот на народниот правобранител впрочем преку конкретните наоди може да се увиди дека институциите не успеваат и потфрлаат во извршувањето на своите основни функции, односно дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Па оттука некоја реплика можеше да се слушне од тие малкуте присутни пратеници и пратенички на владејачката коалиција, притоа заборавајќи дека истите тие институции се раководени од лица што се именувани и назначени од Владејачката коалиција предводена од СДСМ. Во тој контекст Канцеларијата на народниот правобранител имала вкупно 3075 број на предмети за 2021. Најголемиот број примени претставки се однесуваат на заштитата на правата од областа правосудство 436. Претставки во областа права на децата 254, потрошувачки права 228, работни односи 218, социјална заштита 183 итн.

Но, во Собраниската сала немаше никој од „големите борци за човекови права” да пушти глас, барем да дофрли: Нема правда, нема мир! Напротив, само молк.

На „европската“ коалиција и парламентарно мнозинство дури и Извештајот на ЕК за 2022 им забележува дека препораките од 2021 биле само делумно спроведени и затоа истите остануваат да важат и во наредниот период, а кои се однесуваат на Канцеларијата на народниот правобранител.

И додека Извештајот за 2021 на народниот правобранител се разгледуваше post festum, само уште еднаш се потврди дека состојбите во Македонија во делот на човековите права не се подобрени, довербата во судството и јавното обвинителство е влошена, односно намалена од 8 % на 4 %. Непотизам, кронизам и партизација по принципот на поранешниот аболициран премиер „како пупка“. Владата, откако удобно се смести во „шампитата“, на „Пазар 3“ стави пет министри за правда како единствената реформа што можеше да се забележи во изминатите шест години спроведена од „прогресивната“ Владата на СДСМ и коалицијата.

„Купи ден, продај“ политика!

Марија Петрушевска

Пратеник во Собранието на Република Македонија

ВМРО-ДПМНЕ

Слични објави