Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска, во рамки на посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на Денот на сесловенските просветители, имаше аудиенција кај папата Лав 14.
По завршувањето на аудиенција, претседателката во Апостолската библиотека на Папата му ги претстави членовите на македонската државно-црковна делегација, каде што разменија и подароци.
Во оваа прилика, Сиљановска–Давкова на папата Лав 14. му подари Длабока резба со мотив „Гроздови“, објави МИА.
Резбата е во изработка од дабово дрво, со мотиви од овошје и животни кои ги краселе македонските манастири и цркви, како и побогатите македонски куќи. Познати се многу копаничарски дела чии резби красат многу од црквите и надвор од Македонија. Мотивот со гроздови ја претставува лозата на животот и симболика за животна обнова и врска помеѓу религијата и луѓето преку виното (крвта на Исус).
По аудиенцијата, претседателката имаше средба со државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пјетро Паролин.