Уставниот суд ги зголеми платите на функционерите

од Вести365.МК | С.З.

Според Одлуката на Уставен суд (113/2022 од 21 март годинава) се укинаа член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010) и член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2014) со кои всушност во изминатите години се одредувал одреден фиксен износ кој служел како основа за определување на платите на функционерите. Сега, останува во сила член 11 од истиот закон според кој, како основица се зема просечната плата исплатена во минатата година според Државниот завод за статистика, а којашто е значително повисока од фиксниот износ.

Во образложението на Уставен суд детално се објаснува како се движела основицата по години и како се зголемувала и намалувала со одлука на Собранието. Последниот пат кога е зголемена е останата на 26.755 денари нето и според неа се пресметуваа платите со коефициенти. Просечната плата за минатата година е речиси 32 илјади денари (што е разлика од 5.300 денари) па на ваква основица ќе се применат и соодветните коефициенти. Што значи дека оној функционер што имал коефициент на плата од 3, примањата ќе му се зголемат на околу 94 илјади денари, а претходно примал 80.000 денари.

Според член 10 став 1 платата се утврдува на начин што основицата се множи со утврдениот коефициент и се зголемува за процентот на работното искуство, а коефициентите, согласно член 12, изнесуваат 2,2 до 4,5.

Укинувањето на фиксната основица, според која се пресметуваат платите на избраните и именуваните лица и наместо тоа, користењето на просечната плата како репер, ќе им овозможи на пратениците, градоначалниците, судиите… да земат поголема плата отколку до сега. За оваа можност цела недела се зборуваше во редовите на избраните и именуваните функционери, а потврда дека ќе имаат повисоки плати даде вицепремиерот Фатмир Битиќи кој посочи дека не може да не се почитува одлука на Уставен суд, а и градоначалникот на Аерoдром, Тимчо Муцунски, кој на својот Фејсбук профил објави дека разликата во платата ќе ја донира.

Слични објави