Нова кривична пријава за Стевчо Јакимовски, овојпат за несовесно работење

од Вести365.МК Ј.Р.

Одделот за криминалистичка полиција-Сектор за економски криминал и корупција во координација и содејство со СВР Скопје-Единица за економски и компјутерски криминал постапуваше по издадена Наредба од ОЈО Скопје и по преземени мерки и активности до ОЈО Скопје достави кривична пријава против Благица Блажевска за четири кривични дела Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 од КЗ, Симона Серафимовска Ѓуреска за две кривични дела Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 од КЗ и против Стевчо Јакимовски за кривично дело Несовесно работење во службата од чл.353-в од КЗ.

Имено, првопријавената како Раководител на Сектор за урбанизам во Општина Карпош во содејство со второпријавената како вработена во истиот сектор ја злоупотребиле својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност на начин што иако знаеле и биле свесни дека издадениот Извод од план од страна на општината за ДУП кој претходно бил укинат со Одлука од 2018 година од Уставен Суд на РМ и дека за истото од страна на третопријавениот како Градоначалник на Општина Карпош биле дадени насоки да не се издаваат изводи од планови, одобренија за градење и слично за ДУП кои се укинати од Уставниот суд, како и дека претходно два пати го одбивале барањето за издавање на одобрение за градење од инвеститорите поради истите и други причини, откако прво третопријавениот потпишал договори со инвеститорите за регулирање на надоместокот за уредување на градежно земјиште без да изврши увид дека тие договори се однесуваат на барања поднесени за локација за која бил укинат ДУП и за кои самиот дал насоки да не се издаваат одобренија за градење, прво и второ пријавените на ден 23.07.2025 година на инвеститорите им издале Одобрение за градење, со што им овозможиле на инвеститорите противправно да се стекнат со право на изградба на објект во вредност од 10.427.518,00 денари.

Понатаму, прво и второ пријавената ја злоупотребиле својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност на начин што иако знаеле и биле свесни дека инвеститорите кон поднесеното барање за издавање на одобрение за градење имаат доставено основен проект изработен спротивно на важечкиот урбанистички план, наместо да го вратат предметот на инвеститорите на доработка, истите на инвеститорите на ден 29.10.2025 година им издале Одобрение за градење, на кој начин им овозможиле на инвеститорите противправно да се стекнат со право на изградба на објект во вредност од 13.021.914,00 денари.

Исто така, првопријавената ја злоупотребила својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност на начин што иако знаела или требало да знае дека поднесеното барање од инвеститорот се однесува за градба-настрешница која не претставува настрешница во функција на постоечки објект согласно законските и подзаконските акти, туку засебен објект, поставен во простор со намена Д1 – парковско и пејсажно зеленило, односно во јавен простор и булеварски профил, и која воедно не била предвидена со важечкиот урбанистички план, како и дека од страна на подносителот на барањето во целост не била доставена потребната документација, ниту пак била извршена пресметка и наплата на надоместокот за уредување на градежно земјиште, истата на ден 25.03.2025 година на инвеститорот му издала Решение за градба на настрешница.

Воедно, првопријавената ја злоупотребила својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност и на начин што иако знаела или требало да знае дека за објектот-настрешница за кое било поднесено барање од инвеститорот претходно била поведена управна постапка и во 2024 година било донесено решение за отстранување на настрешницата, како и дека од страна на подносителот на барањето во целост не била доставена потребната документација, ниту пак била извршена пресметка и наплата на надоместокот за уредување на градежно земјиште, истата на ден 30.07.2025 година на инвеститорот му издала Решение за градба на настрешница.

Слични објави