Шампионската трка во македонската ракометна Суперлига станува се поинтересна по неочекуваниот пораз на актуелниот шампион и лидер на табелата Вардар, на гостувањето кај Алкалоид со 21-22.
Алкалоид покажа дека нетреба се уште да се избрише како фактор во борбата за тронот, откако шампионот Вардар не успеа да се спротивстави на амбициозниот дебитант во Суперлигата. Натпреварот започна лошо за екипата на Вардар, со очајно прво полувреме и многу подобро второ, кое, сепак, не беше доволно за целосен пресврт.
Во мечот во „Автокоманда“, Алкалоид имаше рано водство од плус три (5-2, 8-5) и максимални 13-7 во 25-тата минута. Одбраната беше близу совршена, поткрепена од Благојче Трајковски меѓу стативите и на пауза Алкалоид замина со 15-11.
Во вториот дел одигравањето, Вардар почна со серија од 3-0 и натпреварот доби нов тек, крајно изедначен и неизвесен, со тензија во нападите и на двете страни. Мартин Томовски направи неколку важни одбрани и по неколку пропуштени напади за изедначување, Вардар врза нови три гола едноподруго, па во 56-тата минута првпат поведе, со 21-20.
Искусниот Трајковски се покажа пресуден, бранејќи ги двата следни напада на Вардар, а неговите помлади колеги од нападот комплетираа пресврт. Мартин Серафимов кај Алкалоид, и Дејан Манасков кај Вардар со по седум гола беа најефикасни, а Трајковкси заврши со 14 интервенции.

Вардар остана на 21 бод, додека Алкалоид со петтата победа во низа дојде до 18, колку што има и Пелистер, но тој допрва го игра својот натпревар од ова шесто коло во плеј-оф фазата, на гости кај Тиквеш.
Првенството во ракометната Суперлига ќе биде и уште повозбудливо, затоа што до крајот Еурофарм Пелистер ќе треба да му гостува на Алкалоид, а екипата на Вардар, по убедливата победа во “СЦ „Јане Сандански“ ja чека реванш во Битола.