Охрид очекува рекорден број на туристи ова лето, ама нема кој да работи во секторот

од Вести365.МК | Е.Д.

Мал е интересот за вработување во хотелите и рестораните во Охрид и Струга, поради што стотици работни места оваа туристичка сезона ќе останат непополнети. Туристичките работници се соочуваат со најави за голем број странски гости, но нема кој да работи во хотелите и рестораните. За да се дојде до работници во Охрид се одржува дводневен саем за вработување.

„Анализите покажуваат дека имаме околу 2.000 луѓе на кои може да сметаме, млади и студенти, невработени лица од таа струка во Охрид и некако да помогнеме да ги убедиме да аплицираат и да се вработат сезонски, колку толку да ја помогнеме сезоната…“, рече Наум Димитроски- организатор.

Само во еден од најголемите хотели на ривиерата во моментов му требаат 70 вработувања. Но, засега никој не нуди плати како во Хрватска, каде најниската во туризмот е 1.000 евра и каде се одлева нашиот кадар.

„…Во овие моменти е многу тешко за наоѓање на персонал. Ова е последица на она што се случувало минатите години, многу ниски примања, многу мали плати, луѓето беа многу незадоволни, работеа прекувремени часови, хотелите не им ги плаќаа…“, вели Никола Божиновски-менаџер на хотел во Охрид.

„Менаџментот ја нема дефинирано кај нас сѐ уште платата. Но, секако од минималецот се оди повеќе…“, рече Јованче Николов-вработен во хотел.

Но, студентите не се задоволни со парите кои им ги ветуваат. Бараат повеќе. Ако не и тие ќе заминат на Јадранското приморје.

„Би сакала да пробам во Хрватска да работам бидејќи таму се подобри условите за работа и поплатени од овде“, вели Јована Ѓорѓиеска, студентка.

„Младите се мамат поради платата пред сè, а потоа после подобрите услови. Сакам да видам дали има добри услови за работа во градот, а потоа странство“, додава Сања Талеска, студентка.

Во моментов на домашниот туристички пазар недостасува секаков вид на кадар од келнери, готвачи, помошници во кујна, рецепционери, собарки, технички персонал. Угостителите најверојатно и оваа сезона ќе се потпрат на средношколци. Но, тие нема да можат да понудат квалитетна услуга каква што би пружил образуваниот кадар.

Слични објави