Во последниот саботен натпревар од 28-то коло на италијанското фудбалско првенство, Јувентус како домаќин ја совлада Верона со минималните 1:0. Единствениот погодок на мечот го постигна Моис Кин во 55 минута, откако соиграчите Фаџоли и Локатели изведоа убава комбинација. Иако торинската „Стара дама“ имаше неколку шанси да реализира уште некој погодок, Кин беше тој што ја реализира победата за Јувентус.
Сега, со освоените 44 бодови, Јувентус се приближува до тимовите кои се борат за пласман во Лигата на шампионите следната сезона, иако им беа одземени 15 бодови поради малверзации при трансверите. Вториот тим, Лацио има осум бода повеќе, додека трет е Интер со шест бода предност пред Јуве. Четвртата Аталанта и петтиот Милан имаа по четири бодови, а шестата Рома три бода повеќе.
Интер го претрпе својот трет пораз во првенството, од Фиорентина со 0:1. Џакомо Бонавентура го постигна победничкиот гол во 53 минута откако најбрзо реагираше на одбиената топка откако Онана го одбрани ударот на Кабрал. Ова е петтата последователна победа за Фиорентина во првенството, со којашто дојде до седмото место на табелата со 40 бода, а Интер останува трет со 50 бода.
Аталанта како гостин го совлада Кремонезе со 3:1. Гостите поведоа во 44 минута преку Мартен де Роон, а домашните израмнија во 56 минута преку пенал на Даниел Чофани. Потоа, Жереми Бога постигна гол во 72 минута, а Адемола Лоокман во третата минута од судиското продолжение на мечот. Аталанта е петта со 48 бодови, додека Кремонезе е последен на табелата со 13 бодови и само една победа во сезонава.