Во Белград, Партизан продолжи со одличните настапи во Евролигата и со победа од 104:90 убедливо го совлада и Реал Мадрид. Избраниците на Жељко Обрадовиќ ја направија клучната разлика во втората четвртина која ја добија со 28:15. Покрај обидите на „кралевите“ за камбек, Партизан успешно го приведе натпреварот кон крај.
Во последниот период, Партизан дојде до највисоки 20 поени разлика, но во последните минути се опушти и му дозволи на Реал Мадрид да ја намали негативата. Лесор и Пантер со по 16 поени беа најефикасните кај Партизан, додека Ексум и Нанали постигнаа 15 и 14 поени соодветно. На спротивната страна, Муса постигна 22 поени.
Жалгирис го совлада Валенсија со 95-74 на домашен терен и остана во игра за осмото место и пласман во плејофот. Лекавичиус беше најефикасен со 16 поени, додека Браздеикис постигна 15 поени за победничкиот тим.
Монако тешко се бореше, но на крајот триумфираше на гостувањето против Баерн Минхен со 81-84. Мајк Џејмс беше најефикасен со 28 поени, откако се врати од суспензијата од клубот.
Олимпијакос го доби грчкото дерби против Панатинаикос со 81-73, со што стигна до тринаесетта победа во низа на дуелите со омразениот ривал. Везенков со 19 поени и Блек со 21 поен беа најзаслужни за победата на лидерот на евролигашката табела, иако „зелените“ одлично парираа.