Еурофарм Пелистер супериорен, на чекор до Ф4 во СЕХА лигата

Во првиот меч од четвртфиналната рунда во СЕХА лигата, македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер одигра одлично и забележа убедлива победа над словачкиот Татран Прешов со 37-29. Пелистерци добро го отворија мечот и по 9 минути игра имаа пет гола предност. Во 19-тата и 21-минута, тие имаа највисоко водство од +7 (15-8 и 17-10). Ваквото водство доведе до опуштање на битолчани, па на противникот му дозволија на одмор да отиде само со три гола негатива (17-20).

Во вториот дел, состојбата беше „падни-стани“. Пелистер имаше +5, па словачкиот шампион со серија од 4-0 во 49-тата минута дојде и доведе до негатива од 28-27. Потоа, зелено-белите вратија со иста мерка за водство од 32-27. До крајот на мечот, Пелистерци ја зголемија предноста и на крајот славеа со 8 гола разлика (37-29).

Најефикасен во екипата на Пелистер беше Ненад Костески со 10 гола, додека Хенеберг и Кисум придонесоа по 8, односно 6 гола. Реванш натпреварот Пелистер ќе го игра во понеделник во 16 часот.

За утре закажани се две средби: Партизан – Веспрем и Нексе – ППД Загреб (од 18 часот). Во четврток (6 април), македонскиот првак Вардар ќе го пречекува Војводина (од 18 часот).

Слични објави