Наполи со победа на гости, Интер и Милан само со по бод!

Во рамките на 29-то првенствено коло во Серија А, фудбалерите на Наполи со победа од 2:1 на гости кај Лече, направија уште еден чекор кон освојувањето на титулата во Италија. Гостите, за кои целиот натпревар го одигра македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас, поведоа во 18-тата минута преку Џовани Ди Лоренцо, а домашните израмнија во 51-вата минута, за да гостите со помош на автоголот на Гало стигнат до победа. Водечкиот Наполи има 74 бодови, 19 повеќе од второпласираниот Лацио, кој во саботата ќе се соочи во дербито на колото со Јувентус. Лече остана на 16-то место со 27 бодови, осум бодови повеќе од зоната на испаѓање.

Во останатите натпревари, милански Интер во самиот финиш ја испушти победата и одигра без победник 1:1 на гостувањето кај Салернитана. За Интер ова е четвртиот последователен натпревар без победа во Серија А, по трите пораза освои само еден бод и сега е четврти на табелата со 51 бод и го држи последното место кое води следната сезона во Лигата на шампионите. Го загрозува петтата Рома која има бод и натпревар помалку. Салернитана е 15-та со 29 бодови.

Актуелниот шампион Милан во вечерниот натпревар не успеа да го совлада Емполи на својот „Сан Сиро“ во мечот кој заврши без погодоци. Со овој бод, Милан се задржа на третото место со 52 бодови, а Емполи моментално е 14-ти со 32 бодови.

Слични објави