Дете со аутизам врзувано во психијатриската болница Демир Хисар, родителите во неверување

Момче со аутизам било врзувано во психијатриската болница Демир Хисар, а родителите кои побарале таму помош се во шок и неверување од раните од врзувањето.

Според објавата момчето се вика Анес Абдуловски и како дете со аутизам почнал за покажува нервоза, пркос и агресија, а родителите побарале медицинска помош и детето е сместено во психијатриската болница Демир Хисар.

– Таму останува 5 недели. Во тој период родителите го посетиле повеке пати, но не им било дозволено внатре на лице место( во соба), туку со придрижба носено на по неколку минути во двор. Пред малку зборував со мајката. Всушност, детето во соба цело време престојувало врзано под силни антипсихотици. Тој момент родителите не го виделе. Се додека не им се јавиле по телефон да им кажат да си го земат детето дома на неколку дена, па после да го вратат.  За ова никој не пишува. Причината за тоа јавување била дека болницата добила најава за посета од делегација од ЕУ, која патем има милионски суми дадено за оваа болница и за нејзините пациенти. Па сега не сакале од болницата, делегацијата да го гледа таков врзан за кревет и како зомби, стои во објавата.

Се додава дека родителите го земаат и настанува шок, кога ги виделе огромните рани од врзувањето.

– Рани направени длабоко во месото, од обидите на детево да се ослободи. Бесни и гневни се, не им паѓа на памет повторно да го вратат таму.

Како што се вели патот кој го изоделе до сега родителите на Анес е голгота. Скромни луѓе од дебарско, дојдени во Битола за подобар живот. Ама плановите се само дел од животот. Живеат долги години под кирија, а сега таткото приморан отказ да даде за да се грижи за синот.

Од психијатриската болница Демир Хисар за Слободен Печат велат дека младиот пациент на 17-годишна возраст кој има аутизам и кој бил врзуван во установата – бил лекуван според протоколите.

„Пациентот е лекуван во нашата установа во текот на изминатиот месец. Станува збор за лице со нарушување од аутистичен спектар во изразито влошена состојба. Претходно бил одбиен за третман од повеќе установи. Актуелниот прием е реализиран на упорно инсистирање на родителите иако притоа беа запознаени со условите во установата и дека не станува збор за соодветна институција за негов третман. Лекувањето е согласно медицина базирана на докази и во текот на третманот се бележеа одредени ситуации за кои е неопходно физичко ограничување. Истите се изведуваа согласно протоколите. Тоа се ситуации кои се поврзани со ризично однесување во смисла на автодеструктивност или агресивност кон другите. Родителите во текот на целиот третман беа навремено и редовно известувани за неговата состојба“, вели директорката на психијатриската болница Демир Хисар, Ивана Кочовска.

Слични објави