ПСЖ се соочува со голем маркетиншки удар откако Лионел Меси одлучи да го напушти клубот. Неговото заминување има големо влијание и врз бројот на следбеници на ПСЖ на Инстаграм. Според француските медиуми, во првите 24 часа по објавувањето на веста околу еден и пол милион луѓе престанале да ја следат страницата на ПСЖ на Инстаграм.
Бројката на следбеници на ПСЖ во моментов изнесува 68,7 милиони, но таа непрекинато опаѓа со голема брзина и не е јасно до каде ќе продолжи падот. Истовремено, Меси се поврзува со враќање во Барселона или можна преселба во Саудиска Арабија, каде Ал-Хилал му понудил богат договор.
Информацијата за Месиевата следна дестинација се очекува да биде објавена во наредните денови, откако тренерот на Барселона, Чави Хернандез, откри дека многу скоро Меси ќе донесе конечна одлука. Чави ја изрази својата поддршка за Меси и отворено изјави дека вратата на Барселона му е отворена и дека би било задоволство да го види во својот тим.
Меси го напушти ПСЖ после две години, без да го освои најпосакуваниот трофеј во Париз, Лигата на шампионите, цел за која беше доведен во клубот.