Премиер лига: По 20 години, Њукасл повторно во Лигата на шампиони!

Екипата на Њукасл Јунајтед и официјално е во групната фаза од Лигата на шампионите откако го освои потребниот бод. Во домашниот натпревар против Лестер Сити, изиграа нерешено 0-0, иако противникот немаше ниту еден шут кон голот. Иако имаа преку 25 шута и 80% посед на топката, фудбалерите на Њукасл се изнапромашија, а може слободно да се каже дека дефанзивците на Лестер Сити одлично ја завршија работата. Бодот може да се смета задоволителен за Лестер Сити, кој во последното коло ќе се бори за опстанок, иако е некогашен првак на Англија.

Њукасл Јунајтед ќе игра во групната фаза на Лигата на шампионите за прв пат по две децении. Во сезоната 2002/03, тимот беше дел од групната фаза каде играше против Јувентус, Динамо Киев и Феенорд.

Во последното коло на Премиер лигата, Њукасл Јунајтед ќе се соочи со Челзи, додека Лестер Сити ќе игра дома против Вест Хем. За да опстане, Лестер Сити мора да победи и да се надева дека Евертон ќе изгуби од Борнмaунт.

Слични објави