Патувањето во Европската Унија од 2026 година ќе стане значително поскапо и построго контролирано. Наместо досега најавуваната такса од 7 евра за електронска дозвола за влез (ETIAS), Европската комисија објави дека цената ќе биде речиси тројно поголема – 20 евра по апликација.
Оваа дозвола ќе важи три години и ќе биде задолжителна за сите државјани од земји кои не се членки на ЕУ, меѓу кои и македонските граѓани. Како главна причина за зголемувањето на цената, Комисијата ја наведува инфлацијата и дополнителните трошоци поврзани со имплементацијата на нови технички функции во системот.
Иако системот ETIAS ќе се применува дури од втората половина на 2026 година, уште наесен – во октомври 2025 – започнува имплементацијата на Системот за влез/излез (EES), кој ќе биде првиот чекор кон новиот режим на влез во Шенген-зоната.