01.05 2023, се навршуваат точно 29 години од смртта на еден од најголемите возачи во Формула 1, Аиртон Сена. Трикратниот светски шампион загина за време на трката за Големата награда на Сан Марино на 1 мај 1994-та година.
Бразилецот со брзина од 300 километри на час се заби во заштитниот ѕид на злогласениот свиок Тамбурело, на патеката „Енцо и Дино Ферари“ во Имола, Иако загина прерано, Аиртон Сена живееше доволно долго за да биде одбележан како еден од најголемите возачи во историјата на авто мото спортот.
Во кариерата извозе 161 трка, забележа победи на 41 трка, а имаше и 39 пласмани на подиумот, исто така освои три шампионскиот титули, сите со болидот на Мекларен. Беше одличен возач со голема харизма, роден победник со оригинално мото во светот на Формула 1, „Не сакав да победам во трката, туку во животот“.
Аиртон Сена е роден на 21 март 1960 година во Сао Паоло, во богато семејство кое уште на четиригодишна возраст му овозможува да влезе во еден од најскапите и најпрестижните спортови во светот, автомобилизмот. Веќе на 13 години го има своето деби на трките во картинг и веднаш победи. Гладта за напредување и успеси го однесе во Англија каде за три сезони освои три титули во Формула 3, кои пак му ги отворија вратите за влез во Формула 1.
Негово деби во Формула 1 беше во 1984 година за екипата на Толеман екипа кој во претходната сезона освои само девет бодови. Сена во првите пет трки, имаше две шести места и две откажувања и симболично на Имола не успеа да се квалификува. На шестата трка во сезоната,која се возеше во моденското местоМонте Карло, Сена покажа за каков возач станува збор и го доби прекарот “Дождовен човек“. Трката во Монте Карло ја одбележа силниот дожд, а Сена по стартот од 13-та позиција, дојде до првото место, но на крајот мораше да се задоволи со второ место, поради правилото дека при прекин на трката се гледаат резултатите од претпоследниот круг, а тогаш Сена беше зад неговиот најголем ривал Алан Прост.
Сепак по Монте Карло стана јасно дека Сена е возач за големи работи, и екипата на Лотус ја увиде неговата големина и за плата од милион долари го ангажира во 1985 година. Со болидот на Лотус, дојде до првата победа, на трката за ГН на Португалија во Есторил, а со популарниот “жолт” болид оствари уште пет победи пред да дојде повикот од големиот Мекларен. Во „црвено-белиот“ болид оствари 35 победи и освои три титули со што си го обезбеди местото меѓу легендите на овој спорт.
Неговите вештини беа далеку од конкуренцијата, а неговата страст, немерлива за ривалите. Како мал бил слаб возач на дожд и чекал да заврне за да може со својот картинг да вози како би се усовршил. Механичарите не го сакаа, од причина што беше перфекционист и поминуваше часови заедно со нив. Постојано ги „малтретирал“ со најситни детали се со цел да биде најбрз и најдобар на секој свиок или правец. Неговата генијалности перфекционизам ја увидоа и во јапонскиот производител на автомобили, Хонда кои го замолија да помогне во развојот на нивниот премиум суперавтомобил „NSX“.
Во 2009 година од страна на асоцијацијата на возачи во Ф1 е избран за најдобар возач во историјата на овој спорт.
По смртта Сена стана уште поголем, попопуларен, стана симбол за величина во очите на фановите, обичните луѓе, кога се дозна дека донирал повеќе од 200 милиони долари во хуманитарни цели. Тивкиот Бразилец беше свесен за својата големина во Бразил како и во светот, и огромен дел од своето богатство го донирал во хуманитарни цели, асо посебен акцент на образованието и на сиромашните.
На погребот во Сан Паоло повеќе од три милиони луѓе излегле да му дадат последна почит на големиот возач, шампион и човек. Неговото вечно почивалиште во Сан Паоло, годишно е посетено од повеќе обожаватели отколку гробовите на Елвис Присли, Мерилин Монро и Џон Ф. Кенеди заедно.