Премиерот Христијан Мицкоски на својот профил на социјалните медиуми објави дека во Њујорк разговарал со американскиот државен секретар Марко Рубио, оценувајќи ја средбата како значајна за натамошното зајакнување на македонско-американските односи.
Овие разговори имаат особено значење и претставуваат потврда на важноста на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави. Директната комуникација на високо политичко ниво е важна можност за размена на ставови за прашањата од заеднички интерес, за продлабочување на билатералните односи и за натамошно зајакнување на нашата позиција како стабилен и доверлив сојузник, вели Мицкоски.
Во период на сериозни геополитички предизвици, силните партнерства и отворениот дијалог со нашите стратешки сојузници имаат уште поголема тежина, смета Мицкоски.
Македонија има јасни државни интереси и продолжува достоинствено и принципиелно да ги застапува заедно со нашите стратешки партнери. Продолжуваме да го јакнеме македонско-американското стратешко партнерство и да создаваме нови можности, додава Мицкоски.