Муцунски на средба со швајцарскиот колега Касис: Економската соработка да стане уште посилен столб на односите

од Вести365.МК Ј.Р.

На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во официјална посета на Република Македонија престојува министерот за надворешни работи на Швајцарската Конфедерација, Ињацио Касис.

Во фокусот на разговорите беа досегашниот развој и перспективите за натамошно унапредување на политичката и економската соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на трговијата, инвестициите и поврзувањето на деловните заедници.

„Целта е економската соработка да стане уште посилен столб на односите и да создава конкретни можности за компаниите и граѓаните“, истакна министерот Муцунски.

Посебно внимание беше посветено на развојната соработка, која претставува значаен сегмент од билатералното партнерство. Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка што Швајцарија ѝ ја дава на земјата од 1992 година, како и за придонесот на швајцарските програми кон јакнењето на институциите.

Во разговорите беше опфатено и актуелното швајцарско претседавање со ОБСЕ, како и безбедносните состојби во Европа. Министерот Муцунски го поздрави ангажманот на Швајцарија во услови на сложен безбедносен контекст и ја потврди поддршката за нејзините напори во рамките на Организацијата.

„Уверен сум дека, под швајцарското претседавање, ОБСЕ ќе продолжи да има важна улога во градењето доверба, дијалогот и безбедноста. Во овие напори, Швајцарија ја има цврстата поддршка од наша страна“, нагласи Муцунски.

Соговорниците се осврнаа и на европската интеграција и реформските процеси, при што министерот Муцунски ја потврди стратешката определба за полноправно членство во Европската Унија и продолжување на реформите и приближувањето кон европските стандарди.

На средбата беа разменети мислења и за актуелните геополитички состојби, при што беше нагласена важноста на лидерството, солидарноста, единството и силните партнерства во зачувувањето на мирот и просперитетот на европскиот континент.

Слични објави