Пет нови комунални возила денес пристигнаа во Куманово со цел да се надмине проблемот со нередовното собирање на отпадот, а градоначалникот Максим Димитриевски им се извини на граѓаните за досегашната состојба.
„Во оваа прилика сакам да се извинам во мое лично име и во име на директорот на јавното претпријатие за нередовното сервисирање на сметот во градот на сите граѓани, особено во приградските населби, поради зачестените дефекти и технички проблеми со возилата коишто ги имаме на располагање. Се надевам дека веќе до крајот на годината ќе го надминеме со заеднички сили овој проблем“, изјави Димитриевски на примопредавањето.
Тој оцени дека новите возила значително ќе го зголемат капацитетот на јавното претпријатие, кое, според него, со децении се соочува со финансиски проблеми.
Возилата ги предаде министерот за транспорт Александар Николоски, кој рече дека по Скопје, Куманово добива најмногу комунални возила бидејќи е најголемата општина во државата.
„Тука имаме две мултифункционални возила за одржување на хигиена со соодветен механизам којшто можевте и да го видите, којшто доста ќе помогне во подигнување на сметот. Понатаму имаме еден камион-прскалка којшто ќе овозможи да имаме почисти улици, да се перат улиците, но исто така има можност да носи и техничка вода во кризни ситуации или во ситуации кога има недостаток на вода или прекин со водоснабдување. И секако, тука се две возила за метење на улици коишто ќе помогнат покрај да имаме чисти улици, да имаме и чисти тротоари, чисти плоштади и чисти отворени површини“, рече Николоски.
Тој најави дека во Куманово наскоро ќе пристигнат и новите електрични автобуси.
„Знаете дека имавме два повици за поддршка на општините. Во првиот повик се обезбедени околу 242 милиони денари, во вториот повик около 328. Дополнително на тоа, преку буџетот на Министерството за транспорт имаме некаде околу 1 милион евра кои што се инвестираат во изградба на мост, инвестираме во изградба на капела, како и во изградба на локални улици во проект со Светска банка и ќе продолжиме тоа да го правиме во следниот период“, истакна Николоски.