Петгодишен договор со актуелниот англиски и европски првак Манчестер сити потпиша денеска досегашниот фудбалер на Вулверхемптон, Матеус Нуњез.
Сити за неговите услуги плати 53 милиони фунти, а Вулверхемптон ќе добие и 10 отсто од евентуалниот следен трансфер на португалскиот играч за врска.
Нуњез оваа недела одби да тренира со екипата за да го принуди клупското раководство да му дозволи да замине во Манчестер сити, чија прва понуда беше одбиена минатата седмица.
„Едноставно не можев да ја одбијам шансата да работам со Пеп Гвардиола, еден од најдобрите тренери во историјата, и да играм покрај некои од најдобрите светски фудбалери“, изјави 25-годишниот Нуњез.
Португалецот е четвртото засилување во редовите на Сити во летниот преоден рок по трансферите на Јошко Гвардиол, Матео Ковачиќ и Жереми Доку.