Во сабота во 19:00 часот, во рамките на плеј-офот на Суперлигата, Еурофарм Пелистер ќе го дочека својот лут ривал Вардар 1961 во дербито кое ќе одлучи кој ќе го освои првото место во лигата.
Викендов, ракометната заедница во Македонија ќе го следи овој настап со голем интерес, откако вардарците убедливо славеа во првиот натпревар, но потоа дозволија пораз од екипата на Алкалоид, па така повторно се израмнети со екипата од Битола.
Ракометната федерација на Македонија ја потврди официјалната саатница за дуелот, како и официјалните лица. За разлика од првото „вечно дерби“ во Скопје, кое го судеше дуото Митревски-Тодоровски, во ова дерби на центарот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, ќе застанат најдобрите македонски судии, Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.