ЕК не е среќна со измените во Кривичниот законик, бара ефективни санкции за корупцијата

Измените во Кривичниот законик се избрзани, со злоупотреба на европското знаменце и директно ќе влијаат врз повеќе случаи на корупција на високо ниво и нивно застарување, се вели во реакција на Европската Комисија. Од таму со загриженост констатираат дека некои од измените вo КЗ биле усвоени на забрзан начин од Собранието на Македонија, со кои се намалуваат максималните законски казни и имаат импликации врз примената на застареноста на голем број случаи на корупција на високо ниво, вели за ТВ 24 Ана Писинеро, портпаролка на ЕК.

Од ЕК изразуваат жалење поради  недостатокот на сеопфатни консултации со домашните чинители, со Европската комисија пред нивното усвојување, како и за употребата на процедурата за знаменце на ЕУ, која велат треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со ЕУ acquis.

„Северна Македонија се обврза да го промовира владеењето на правото и да се бори против неказнивоста и затоа, санкциите за корупциски активности мора да бидат ефективни, пропорционални и разубедувачки”, вели Писинеро.

Од ЕК велат дека зајакнувањето на довербата во правосудниот систем и несмалено справување со корупцијата, вклучително и преку солидна истрага, како и гонењето и конечното осудување на случаите на корупција на високо ниво е од клучно значење.

Комисијата ќе продолжи да го следи развојот на владеењето на правото многу внимателно, вклучително и во контекст на пристапните преговори, велат од ЕК за ТВ 24.

Вчера и амбасадорката на САД во Македонија Анџела Агелер најави дека правниот тим на амбасадата ги разгледува измените во Кривичниот законик.

Слични објави