На 07.06.2023 се навршувија точно три децении од смртта на легендарниот кошаркар Дражен Петровиќ. Тој беше еден од најголемите мајстори на кошаркарската игра и остави длабоко впечаток на вљубениците во играта со портокаловата топка низ целиот свет. Македонските љубители на кошарката се сеќаваат на неговите гостувања во Скопје како играч на Цибона и репрезентативец на СФР Југославија.

Смртта на Дражен Петровиќ остави трајни спомени и влијание на светската кошарка. Неговата кариера беше обележана со брилијантни настапи и достигнувања. Дури и Леброн Џејмс го смета за најдобар интернационалец што некогаш заиграл во НБА лигата.
Дражен Петровиќ беше роден на 22 октомври 1964 година во Хрватска, а загина во автомобилска несреќа на 7 јуни 1993 година во Германија. Тој беше познат по својата посветеност и работна етика, што го правеше еден од најдисциплинираните кошаркари.
На шеснаесет години стана првотимец на Шибенка. Цибона и Реал Мадрид беа доминантни над другите европски клубови во годините кога Дражен играше за нив. Откако освои сè во Европа, замина во најсилната светска лига – НБА. Иако повеќе беше на клупа, отколку на терен во првата сезона поради политиката во Портланд, сепак тој го покажа својот феноменален талент две години подоцна во Њу Џерси Нетс. Не само што беше најдобриот шутер на тимот (специјалност му беше шутот за три поени) во 1992 година, тој беше и најдобриот Европеец кој дотогаш играл во НБА.

Истата година Дражен ја предводеше хрватската репрезентација до најголемиот успех, среброто на Олимписките игри во Барселона, во финалниот натпревар изгубија од единствениот вистински Дрим Тим, во кој настапија најдобрите играчи од НБА и во исто време некои од најдобрите кошаркари во историјата – Мајкл Џордан, Лери Бирд, Меџик Џонсон, Скоти Пипен и други.

Беше примен во Куќата на славните на кошарката во 2002 година.
Петровиќ остави неизбришлив впечаток на кошарката, и неговата личност и достигнувања се прославени низ филмови и приказни. Тој беше пионер на интернационализацијата на НБА лигата и успеа да го промени гледиштето за европската кошарка во светски рамки.
Смртта на Дражен Петровиќ остави празнина во светската кошарка и неговото наследство ќе се памети и сеуште ќе биде воспеано во годините што доаѓаат.