Алиу: Во една канцеларија имаме повеќе вработени, во друга многу малку

Реорганизација подразбира и реорганизација на ниво на органите на државна јавна администрација, но и реорганизација на ниво на човечки ресурси. Кога се прави реорганизација на ниво на органи на државата, на институциите, потоа следува анализа на функционалноста на ниво на институции, рече министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу во вчерашното интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма.

„Според таа функционална анализа, потоа се креира профил за секоја институција и на ниво на таа вертикала се креираат и број на работни места, што тие ќе работат, итн. Во тој дел, дефинитивно, спаѓа и реорганизација на човечки ресурси“, истакна Алиу.

Министерството за информатичко општество и администрација е едно од трите пилот министерства во кое, според Азир Алиу, во тек е функционална анализа. Тие три институции треба да бидат примери за комплетната реорганизација што треба да почне да се случува од 2024 година.

„Се прави вертикална анализа за секој оддел во институцијата и на крај треба да се направи ре-инженеринг на тие процеси. Тоа е жива материја. Секоја институција има процеси кои се нови и процеси кои се стари и воопшто не се употребливи. Во нашиот органограм, на пример, имаме канцеларии во кои нема ниту еден вработен. Имаме две канцеларии за комуникации и човечки ресурси, во едната имаме повеќе вработени, во другата многу малку. Затоа функционалната анализа треба да покаже дека органограмот треба да се адаптира“, истакна Алиу.

Според домашните и меѓународни експерти, бројот на институции од 144 треба да се намали на 97, а бројот на бројот да биде 17.

Слични објави