Најмалку три лица загинаа во силно торнадо што го зафати Арканзас во петокот, додека делумното уривање на театар во Илиноис во силни грмотевици уби најмалку едно лице, а повредени 28 други, соопштија властите.
Во Арканзас две лица загинаа во градот Вин, изјави гувернерката Сара Хакаби Сандерс на прес-конференција, прогласувајќи вонредна состојба и распоредувајќи околу стотина припадници на Националната гарда.
„Централниот Арканзас претрпе значителна штета“, напиша таа на Твитер.
Покрај тоа, округот Пуласки – дом на тешко погодениот главен град на Арканзас, Литл Рок – потврди за АФП трет смртен случај.
„Околу 30 луѓе се пренесени во болниците“ во градот, изјави градоначалникот на Литл Рок Френк Скот за новинарите.
Националната метеоролошка служба (NWS) издаде предупредувања за торнадо во делови од Тенеси, Илиноис и Ајова.
Торнадото зад себе остави пустош со превртени автомобили, откорнати дрвја, скршени телефонски столбови и уништени домови.
На северот на земјата, во малото гратче Белвидер, западно од Чикаго во државата Илиноис, дел од покривот и фасадата на театарот Аполо се урнале при силна бура. Во тек бил концерт на хеви метал бенд, објавија локалните медиуми.
Шон Шедл, шеф на пожарникарите во Белвидер, пријавил еден смртен случај и 28 повредени, вклучително и пет хоспитализирани со сериозни повреди.