Кинески милијардер во егзил, организира онлајн аукции на „невакцинирана сперма“, која антиваксеристите ја претставуваат како „идниот биткоин“.
Идејата дека спермата од мажи кои не примиле вакцина против Ковид-19 наскоро ќе биде многу барана, произлегува од теориите на заговор кои тврдат дека вакцините предизвикуваат масовна стерилност.
Гуо Венгуи, чијшто егзил во Соединетите Држави беше прекинат со неговото апсење во средината на март за наводна измама, планира да ги организира овие аукции во јуни на конзервативната социјална мрежа Гетр.
Овој кинески тајкун е близок со поранешниот советник на Доналд Трамп, Стив Банон.
Овој нов вид на аукција ќе ја вклучи и „мојата сопствена сперма, се разбира“, рече тој.
Но, апсењето може да ги наруши неговите планови. Тајкунот е обвинет дека организирал разработена измама за да изнуди повеќе од 1 милијарда долари од илјадници луѓе кои го следат на интернет.
Без разлика дали овие аукции ќе се одржат или не, тие веќе предизвикаа возбуда на Гетр, при што обожавателите на милијардерот гледааѕ на тоа како можност да ја „спасат иднината на човештвото“ или да тврдат дека невакцинираната машка сперма е „идниот биткоин“.
„Овие аукции се засноваат, општо земено, на лажни аргументи дека вакцините против Ковид штетат на плодноста“, рече Џон Грегори од NewsGuard за АФП.
„Пишувачите на дезинформации за вакцини го пропагираат ова тврдење, и покрај бројните медицински студии кои покажуваат дека вакцините не влијаат негативно на машката или женската плодност.
Гуо Венгуи не појасни како ќе се тестира спермата, но вети „научни“ методи како и писмо од адвокат за да потврди дека донаторот е невакциниран.