LEGO LEAGUE НАТПРЕВАР во УГД Штип

од Вести365.МК Ј.Р.

Здружението за едукација и иновативно учење „Академија за роботика и иновации“ од Скопје е регионален претставник на натпреварот за едукативна роботика FIRST LEGO League, за територијата на Република Северна Македонија, наменет за деца и млади на возраст од 6 до 10 години преку FIRST LEGO League Explore (FLLE) и од 9 до 16 години преку FIRST LEGO League Challenge (FLL).

 Оваа година, согласно потпишаниот меморандум за соработка помеѓу Факултетот за Информатика и регионалниот претставник на натпреварот „Академија за роботика и иновации“, националниот натпревар ќе се оддржи во просториите на Факултетот за информатика од Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип, на 01.04.2023 година со почеток во 10.00 часот. На настанот ќе присуствуваат над 100 учесници, нивни ментори и родители а говор ќе оддржат претставници од Република Грција, „Академија за роботика иновации“, Универзитетот „Гоце Делчев”, како и општината на град Штип.

FIRST LEGO лигата е меѓународна мултидисциплинарна истражувачка програма застапена во над 100 земји а во која учествуваат над 600.000 деца и млади од целиот свет кои работат заедно со нивните ментори. Воедно, ги инспирира да истражуваат во STEM областите, како што се науката, технологијата и инженерството, да решаваат реални проблеми преку изработка на реални проекти и да создадат подобра иднина за себе и за другите. За таа цел, во целокупното времетраење на подготовките, учесниците се стекнуваат со вештини и способности неопходни за животот на 21 век, вклучувајќи ја креативноста, љубопитноста, критичкото и претприемничкото размислување, тимскиот дух, емпатија, самодоверба, комуникација и почит.

Оваа година, тимовите ќе работат на денешните глобални предизвици поврзани со Целите за оддржлив развој на Обединетите нации, со фокус кон обезбедување на прифатлива, сигурна, оддржлива и модерна ЕНЕРГИЈА за сите. Учесниците ќе треба да идентификуваат проблем со кој се соочуваат луѓето, да предложат решение преку создавање на иновативен проект, да покажат меѓусебна почит и да ги презентираат основните човечки вештини кои се неопходни за постигнување на оваа заедничка цел.

Дополнително, тимовите треба да дизајнираат, изградат и испрограмираат робот со користење на LEGO MINDSTORMS или LEGO SPIKE PRIME технологијата и да се натпреваруваат со другите тимови од нашата земја. Тимот кој ќе обезбеди најдобри резултати во сите категории ќе има можност да ја претставува Република Северна Македонија на светското првенство кое оваа година ќе се оддржи во Мароко, од 18 до 21 мај, 2023 година.

Слични објави