Синдикатите од здравство кои неколку часа пред најавениот протест беа на средба во Министерството за здравство постигнаа договор.
Се договоривме. По три илјади денари за сите сестри и по две илјади денари за сите останати од помошно-технички персонал, администрација, доктори, сите вработени во здравството да имаат бруто покачување со мартовската плата, изјави Предраг Серафимовски, потпретседател на Синдикатот на Клинички центар по состанокот со заменик министерката за здравство и шефот на Кабинет на министерот за здравство.
Серафимовски рече дека и од Министерството за здравство треба да излезат и да ги потврдат овој договор.
Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски рече дека со притисок се успеало да се дојде до изнудување на потпишување на анексот на Колективниот договор за здравствена дејност. Тој нагласи дека со неговото непотпишување ќе се доведеле во ситуација 11 илјади вработени во здравството да бидат изедначени со минималната плата.
– Очекуваме дека денешниот договор во најкраток период, во тек на наредната недела, ќе биде и официјализиран со потпишување, рече Каранфиловски.
Инаку, членови на двата синдиката, денеска одржаа протест пред Министерството за здравство.