Се одложи седницата во Апелација за „Титаник 2“, делото застаре а Мијалков се спаси

од Вести365.МК | Е.Д.

авната седница во Апелацискиот суд Скопје за првостепената пресуда во случајот „Титаник 2“ закажана за денеска се одложи.

Причината за одложувањето е што не беа присутни поголем дел од странките, меѓу кои и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и поранешните членови на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ: Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Тие не беа присутни бидејќи, како што официјално кажаа судиите, „нема доказ дека се уредно поканети“.

Следен датум на кој треба да се одржи седницата е 13 април 2023 година.

Ваквиот развој на настаните ги „уби“ и теоретски шансите второстепениот суд да донесе одлука пред да застари делото на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, со оглед дека тој во случајот првостепено е осуден на две години затвор за примање наградата за противзаконито влијание – дело кое му застарува на 7 април.

Судијата Ѓоко Ристов, кој е претседател на судечкиот совет во Апелација, што треба да одлучува за „Титаник 2“, рече дека предметот од Вишото јавно обвинителство Скопје, каде што го пратиле за мислење по жалбите на обвинетите, го добиле назад во судот во петокот (24 март) во 14:30 часот. Како што рече, веднаш ја закажале денешната јавна седница и телефонски се обиделе да ги известат странките.

Меѓутоа, денеска во судница од шест обвинети дојдоа само Сашо Мијалков и уште еден поранешен член на ДИК, Бедредин Ибраими. И Ибраими рече дека не добил официјално покана, но во судот дошол бидејќи дознал за седницата по „допрен глас“.

Покрај Ристов, дел од советот во Апелација се и Тања Милева како судија известител и уште тројца други судии членови.

Слични објави