Грчкиот портал СДНА тврди дека трофејниот италијански стручњак и селектор на репрезентацијата на Шпанија, Серџо Скариоло, е пред договор со Реал Мадрид. Двете страни се во завршна фаза од преговорите, а зелено светло за договор дала и Кошаркарската федерација на Шпанија. Дури, Хорхе Гарбахоса, првиот човек на Федерацијата, смета дека тоа ќе биде позитивно за „фуријата“ затоа што Скариоло во детали ќе биде запознат со шпанската кошарка и активно ќе биде вклучен во неа. Скариоло работи во италијанскиот тим Виртус, но ако дојде до договор, ќе се врати во Реал по пауза од 21 година каде го водеше тимот од 1999 до 2002 година, но без особен успех. Во првата сезона ја освои шампионската титула, но тоа беше се од него до крајот на ангажманот во кралскиот клуб.
Најголемите успеси Скариоло ги оствари како селектор на шпанската репрезентација со која освои вкупно осум медали на големите натпреварувања, вклучувајќи четири европски и една светска титула. Дилемата што се поставува во европската кошаркарска јавност е зошто Реал во овој момент би се разделил со Чус Матео кој добро ја води екипата и во моментов е ко-лидер и во домашното првенство и во Евролигата. Единствениот негов неуспех во досегашниот дел од сезоната е во Копа дел Реј каде Реал испадна во полуфиналето.