Гардијан јавува дека Кувајтски медиум претстави виртуелен презентер на вести создаден со помош на вештачка интелигенција (ВИ). Во саботата, презентерката наречена „Федха“ се појави на Твитер профилот на интернет-страницата „Кувајт Њуз“.
Федха претставува лице на жена со непокриена коса, облечена во црно сако и бела маица. Профилот на Твитер е поврзан со интернет-страницата на „Кувајт Тајмс“. Заменик-главниот уредник на двата медиума, Абдула Бофтен, рече дека ова е тест за потенцијалот на вештачката интелигенција околу понудата на нова и иновативна содржина. Се очекува во иднина „Федха“ да го усвои кувајтскиот акцент и да презентира билтени од вести на Твитер профилот на страницата која брои над 1 милион следбеници.
„Федха“ е популарно, старо кувајтско име што се однесува на сребро. Секогаш замислуваме дека роботите се сребрени и во металик боја, па ги комбиниравме двете“, изјави Бофтен, додавајќи дека русата коса и светло обоените очи на презентерката ја рефлектираат разноликата популација на Кувајт и иселениците во земјата богата со нафта.
Видеото од ВИ презентерката предизвика бура од реакции на социјалните мрежи, меѓу кои и од новинарите. Според Индексот на слободата на печатот на „Репортери без граници“ за 2022 година, Кувајт е рангирана на 158 од 180 земји и територии.