Почна распродажбата на државно земјиште во „Треска“

Општина Центар го издаде првото одобрение за купување државно земјиште во поранешната фабрика „Треска“ заради дооформување на градежна парцела за изградба на згради според планот донесен уште од времето кога локалната власт беше на ВМРО-ДПМНЕ до 2013 година. Градоначалникот Горан Герасимовски не сака ниту да ги објави проектите наградени од стручната жири комисија за урбанизирање на просторот. Конкурсот беше распишан од неговиот претходник, сопартиецот од СДСМ Саша Богдановиќ. Нема објаснение зошто ниту едниот, ниту другиот не ги објавија идејните решенија на конкурсот.

Од Општина Центар велат дека согласно имотните листови на земјиштето, сопственици и баратели за откуп на државно земјиште заради дооформување на парцела се фирмите „Голден Арт“ и „Мега и Акустик“.

„По доставената документација, истите поседуваат 90.17 проценти од вкупната површина на градежната парцела, што значи дека за дооформување имаа само 9.83 проценти од вкупната градежна парцела“, ни одговорија од Општина Центар на прашањето кои градежници купиле државно земјиште во „Треска“.

Сега овие градежни фирми се на чекор до добивање одобрение за градба, а со тоа да почне бетонизацијата на последното слободно парче во центарот на Скопје.

Во Општината чекаат на одговор уште 16 барања на градежници за купување на државно земјиште за да можат да ги зголемат парцелите за градба.

Како што велат од Општина Центар дозвола за градба во „Треска“ уште не е издадена, а поднесени се четири барања.

„Помина скоро година и 5 месеци откако жири комисијата составена од 9 члена ги објави резултатите од конкурсот за избор на идејно решение за локалитетот на фабриката ‘Треска’. Исто толку време Општината и градоначалникот на Центар одбиваат да ги објават проектите и како што тоа е ред, да ги поканат авторите јавно да ги објаснат своите визии како сметаат дека треба да се уреди последниот голем градежен простор во Центар.  Но, ваквите идеи од конкурсот инициран од претходниот градоначалник, сегашниот градоначалник кој за себе вели дека е „транспарентен“ ги смета за незаконски и неспроведливи. До таа мера што не сака ниту да ги објави проектите наградени од стручната жири комисија и со пари од граѓаните од Центар“, велат од „Шанса за Центар“.

Слични објави